Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) денеска го одржа своето 22. Генерално собрание на кое беа избрани четири нови члена на Одборот на директори и беше направен преглед на најзначајните реализирани проекти и активности од годината што изминува.
На Собранието се обрати амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Ангела П. Агелер, која во нејзиниот говор им се заблагодари на членките на АмЧам и истакна дека тие претставуваат значајна врска која ги спојува економиите на САД и Северна Македонија, и им посака успешна работа и уште многу реализирани активности со кои ќе се поддржи развојот на локалната економија и ќе воспостави регионална соработка, како клучен фактор за понатамошен развој на целиот регион.
Претседателот на Одборот на директори на АмЧам, Драган Давитков, во своето обраќање се осврна на важноста од насочена соработка меѓу различните чинители во државата и развојот на одржливи регионални партнерства и иницијативи:
- Како бизнис асоцијација ние сме ориентирани кон градење партнерства со Владата, бизнисите и меѓународните организации, но исто така и со невладиниот сектор и донаторската заедница. Ние веруваме дека само со здружени напори, усогласени приоритети, транспарентни процеси и мерливи резултати можеме да се издигнеме над кризите кои светот ги искусува - рече Давитков, додавајќи дека ние како земја долго време зборуваме за важноста на градење мостови, а сега е време да почнеме да преминуваме преку тие мостови и да ги оствариме зацртаните цели.
Во работниот дел на Генералното собрание, покрај другите тековни одлуки, повеќе од 70 членки на асоцијацијата гласаа и за избор на нови членови на Одборот на директори на АмЧам Северна Македонија. Со најмногу гласови од присутните, мандатот од две години им беше доделен на кандидатите: Андреј Петрески (Cisco), Иван Новаковски (НОВА), Ламбро Патче (Пивара Скопје) и Славко Пројкоски (Македонски телеком).
Пред членките на асоцијацијата беа претставени и извештаи за тековното работење, а извршната директорка на АмЧам Северна Македонија, Јелена Арсовска, менаџерот за политики Бобан Брагорски, заедно со претседавачите на секторските комисии Андреј Петрески, Фросина Гечева Кочова и Александра Ивановска, направија преглед на најзначајните проекти и активности кои беа реализирани во изминатата година и претставија дел од темите на кои ќе биде посветено значајно внимание во периодот што претстои.
Членките на асоцијацијата ја потврдија заложбата дека АмЧам Северна Македонија продолжува да работи на подобрување на општата бизнис-клима во државата како доверлив партнер на компаниите, институциите и граѓанскиот сектор.
(Комерцијална објава)