Вицепрвак на Македонија во 2019, 2020 и 2022 година, Лара нема проблем да се појави на тренинг во 6 часот наутро, а попладне да оди и на вториот, па преостанатото време да го посвети на студиите на Архитектонскиот факултет
Лара Герасимовска е млада талентирана лизгачка на мраз и државен вицепрвак во Македонија во уметничко лизгање за 2022 година.Истовремено, таа е една од амбициозните млади девојки што се обидуваат да ја внесат државава на олимписката и светската карта на овој атрактивен спорт, кој е комбинација на уметност и истрајност.
Има 21 година, а на ледените терени почнала да лизга уште како дете. Успехот во овој спорт го должи и на тренинзите по балет, од каде што подоцна се префрла на мразот. За неа, уметничкото лизгање претставува спорт, но пред сè е елеганција заедно со борбата и силата, што ја мотивира и ја гради како комплетна спортистка и личност.
- Сè почна кога мајка ми ме запиша рекреативно на лизгање, најмногу поради тоа што самата таа како мала постојано одела на лизгалиштето на Кале и отсекогаш копнеела да научи повеќе за вештините на мразот, но никогаш ја немала таа можност. Благодарна сум што ми го овозможи тоа. Реалноста е дека за да бидеш врвен спортист, треба да почнеш да вежбаш од многу мал, а тоа особено важи за овој спорт. Затоа, дел од заслугата за тоа што сме денес им ја препишуваме на родителите што нè запишале, носеле и мотивирале да продолжиме да спортуваме. Уметничкото лизгање е истовремено елегантно и борбено, па самата помисла на убавината беше она што првобитно ме привлече, а останав во овој спорт поради сите спортски предизвици кои ме направија посилна личност, и физички и психички - објаснува Герасимовска.
Нема проблем да се појави на тренинг во 6 часот наутро, а попладне да оди и на вториот, па преостанатото време да го посвети на студиите на Архитектонскиот факултет, каде што е трета година на интегрираните петгодишни студии.
- Архитектурата ја одбрав како професија поради мојата способност да цртам и ,,кликерот“ за математика, но воедно е и професија која може да се работи доживотно. Таа нема старосна граница во споредба со тоа да си натпреварувач-спортист. Секако дека и двете кариери си имаат свои предности, но сепак сметам дека не штети да се има познавања од повеќе области и вештини, а со тоа и повеќе опции за професија - вели младата лизгачка.
Сонот ѝ е да го види македонското знаме на Олимпијада
Младата македонска спортистка по уметничко лизгање успеала да ѝ донесе неколку медали на Македонија, што практично го покажува потенцијалниот талент кај младите во државата за развој на овој спорт, иако условите за него се минимални. Токму затоа, за Лара повеќе не се предизвик меѓународните натпреварувања, туку сон ѝ е да го види нашето знаме на Олимпијада, во дисциплината уметничко лизгање.
- Имам освоено две злата, шест сребра и четири бронзи на натпревари во Скопје, Белград, Нови Сад, Софија, Будимпешта... Исто така, би издвоила дека трипати сум вицепрвак на Македонија, во 2019, 2020 и 2022 година. Иако ќе продолжам да се натпреварувам додека можам, мојата цел повеќе не е освојување медали, туку натамошно развивање на спортот, поддржување на нашите лизгачи и испраќање апел до јавноста дека постоиме, работиме и се бориме за успех - заклучува Герасимовска.
Според неа, тој предизвик воопшто не е лесен бидејќи вели дека реално во Македонија не постојат услови за тренинг според некој европски или светски стандард.
- Се трудиме да го постигнеме тоа, па така од година на година ни се подобруваат условите, почнувајќи од подобра ролба (машина за чистење мраз) и квалитетен мраз, па сè до едукативни семинари во врска со спортот и здравјето. Најголемиот предизвик на овој спорт е освојување Олимписки игри. Неодамна ја имавме првата претставничка на јуниорските Олимписки игри, Јана Куковска, што претставува огромно достигнување на сите од лизгачкиот клуб, но и за целиот спорт во Македонија - раскажува таа.
Лизгањето е спој на техника и убавина
Важно е дека постои голем интерес кај младите во Македонија за овој спорт.
- Школото за лизгање брои доста деца и млади, меѓу кои има и помали деца кои веќе почнуваат да се натпреваруваат и да се вклучуваат во тимот на натпреварувачи. Се надевам дека во иднина интересот ќе продолжи да се зголемува - вели таа.
Потенцира дека како и секој спорт, и овој бара жртви и истрајност. Пред сѐ, затоа што се спортува во услови на мраз, а тренинзите се рано наутро.
- Летната сезона, кога овде не постојат услови за тренирање, е резервирана за тренинзи на кондиција, техника, но и летни кампови во држави каде што има услови за лизгање. Внимавањето на исхраната е важен дел од постигнувањето на физичкиот допадлив изглед што треба да се поседува бидејќи од нас се бара мешавина од техника и убавина - додава Герасимовска.
Вели дека мразот е ладен, а и релативно е болно искуството да се паѓа на него.
- Но, така се учи. Температурите се доста ниски, особено во утринските часови во зима и на отворено лизгалиште, но по некое време се навикнуваме и се челичиме од ладното, па не би знаела објективно да одговорам. Мене лично на мразот не ми студи бидејќи тоа го правам со години - додава таа.
Мотиватор за идните генерации во развој на овој спорт
Герасимовска би сакала да им го пренесе своето знаење и искуство на помладите генерации кои би се заинтересирале да запловат во водите на уметничкото лизгање и да придонесе за негова поголема афирмација во Македонија.
- Не би знаела колку ќе можам да го подигнам нивото на спортот во земјата бидејќи тоа не зависи од мене, туку од многу други фактори, но доколку успеам да помогнам, дури и на некое микрониво, би била навистина среќна - посочува лизгачката.
Смета дека во моментов Македонија не може да се споредува со светските успеси на уметничкото лизгање, како што се пласмани меѓу првите три места на светските и европските натпревари, но тоа не значи дека во овој спорт не треба да се вложува.
- Неоспорно е дека Руската лизгачка федерација моментално ги има најврвните и најдобрите атлетичари во женската дисциплина на уметничко лизгање, но тоа не значи дека победата им е секогаш загарантирана. Сме биле сведоци на секакви настани и ситуации, каде што поради сплет на околности, пиедесталот им припаднал на натпреварувачки кои не биле фаворити. Така што никогаш не се знае. Секако дека не треба да чекаме да се случи немил настан за да победиме и дека секогаш треба играта да е фер, па иако засега нашите шанси се мали, некој ден може и нема да бидат - вели таа.
За младите има само една кратка порака - да даваат сè од себе, дури и сиот свет да е против нив. Притоа треба да се трудат да се фини и човечни со сите околу нив бидејќи
никој не сака да работи со идиот.
- Врвен спортист значи и врвен човек - заклучува Герасимовска.
Фото: приватна архива