Еден американски студент пред 30 години подарил сѐ што имал и заминал во дивината со цел да живее нов, поинаков живот. Откако стигнал на Алјаска, Крис Мекендлес живеел во напуштен автобус кој најчесто се користел од страна на ловци. Тој живеел како што сакал, но починал по четири месеци.
Според неговиот дневник била напишана книга, а подоцна бил снимен и филмот „Во дивината“. Оттогаш, книгата и филмот влијаеле врз многумина што сакаат да избегаат од нормалниот живот и да одат во потрага по авантура во дивината. Многумина од овие луѓе се обидуваат да стигнат до автобусот и да го видат местото каде што Мекендлес, кој се претставувал и како Александар Супертрамп, ги поминал последните месеци од својот живот. Но, со тоа тие го ризикуваат својот живот, како што открила една група на туристи изминатата недела.
Фото: Youtube screenshot
Автобусот се наоѓа во централна Алјаска, на северниот крај од националниот парк Денали. Најблискиот град е на околу 48 километри, а за да се стигне до него, треба да се помине брзата река Текланика. Двајца починале обидувајќи се да го сторат тоа. Последната жртва била Верамика Маикамава, која загинала на 24-годишна возраст кога се обидувала да ја помине реката со нејзиниот сопруг минатиот јули.
Изминатата недела пет туристи што го барале автобусот биле спасени откако се изгубиле. Помеѓу 2009 и 2017 имало 15 акции за спасување од страна на државата поврзани со автобусот. Тогаш, зошто луѓето доаѓаат овде?
- Станува збор за идејата да се избега од општеството и да не се биде врзан од сето она што другите го бараат од вас, но и губење во дивината и повторно поврзување со себеси - вели Мартина Трескова, која патувала до автобусот.
Патниците што стигнуваат до автобусот чувствуваат поврзаност со Мекендлес. Трескова вели дека била свесна за опасноста, но била подготвена за предизвикот, а и да се откаже доколку е потребно.
Мекендлес имал страст за живот во дивината. Месеци пред да продаде сѐ што има тој патувал низ САД и кајакарел на реката Колорадо. Но, иако многу патници се подготвени да го ризикуваат животот за да дојдат до автобусот, некои од локалните жители сакаат автобусот да биде тргнат на локација каде што патувањето до него нема да биде опасно.
Во моментот автобусот е во лоша состојба. Прозорците се скршени, а покривот 'рѓосува, па патниците нема да може да преспиваат во него уште долго време. Во една пивница во Хили има копија од автобусот кој бил искористен во филмот, па некои туристи се одлучуваат да одат таму.
Автор: Софи Вилијамс
Извор:
Bbc.com