Меѓународното училиште НОВА Скопје ги објави добитниците на стипендијата „Борис Трајковски - НОВА“ за четиригодишно школување во оваа реномирана образовна институција.
Теа Ангелова од основното училиште „Гоце Делчев“ од Струмица, Катерина Георгиевска од „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје и Максим Ѓоргев од „Димо Хаџи Димов“ од Скопје се добитници на целосна стипендија, додека Изабела Пренковска од „Војдан Чернодрински“ од Скопје и Андреј Гацоски од основното училиште „Вера Циривири Трена“ од Скопје се добитници на делумна стипендија.
По внимателно разгледување на повеќе од 100 апликации, комисијата составена од професори и администратори при меѓународното училиште НОВА одлучи оваа образовна можност, каде што се вреднуваат не само академското знаење, туку и вештините за тимска работа, критичко и креативно размислување, да ја искористат гореспоменатите деветтоодделенци.
- Сакав да се докажам себеси и моите способности, особено во делот на групната работа. Многу сум возбудена што ќе започнам ново патешествие во сосема поинаква средина. Особено ме интересираат воншколските активности, поточно дебатниот клуб. Искрено, НОВА е на сосема различно ниво од државните училишта и обезбедува повеќе можности за иднината, па токму поради тоа одлучив да аплицирам за стипендијата - истакнува Изабела Пренковска.
Теа Ангелова е благодарна поради можноста да аплицира за ваква стипендија бидејќи го смета овој процес како одлично искуство. За неа, секој дел од процесот на аплицирање претставувал задоволство, и покрај предизвиците, како што е целосно искажување на личното размислување во триминутен видеоесеј.
- Холистичкиот пристап кон учењето, понудата на изборни предмети, ученичките клубови, како и меѓународниот амбиент се работите што најмногу ми се допаѓаат. Меѓу другото, и програмата по меѓународна матура, на начин како се практикува во НОВА, отвора врати за универзитети низ целиот свет. Поради сите овие предности вистински сум благодарна за оваа стипендија - посочува таа.
Аргументите поддржани со веродостојни примери и проверени докази, како и начинот на изразување е еден од одлучувачките критериуми за оваа стипендија.
За Андреј Гацоски, овој аспект во процесот на аплицирање бил сериозен предизвик, но успеал да го надмине уште на самиот почеток.
- НОВА нуди огромен број можности за истражување различни дисциплини и за подобрување на сопствената личност. Едвај чекам да почнам да учам тука и да бидам дел од оваа заедница - вели тој.
Стипендиите се доделуваат од 2005 година. Проектот беше идеја на тогашниот претседател Борис Трајковски, а спроведен во соработка помеѓу училиштето НОВА и Фондацијата „Борис Трајковски“, по неговата трагична смрт. За оваа стипендија потребно е кандидатите да ги поседуваат вредностите за кои се залагаше претседателот Борис Трајковски и кои се негуваат во училиштето, како што се отвореност кон нови култури, емпатија, толеранција, интегритет и соработка.
(Комерцијална објава)