Една од најпредизвикувачките професии во светот е актерството. Вашиот дом е сцената, на која треба да „живеете“ во улогата, просторот на кој треба да завладеат сите ваши таленти со цел да се долови конкретниот лик. Факултетите за драмски уметности важат за едни од најтешките поради уписите кои вклучуваат приемни испити, големиот стрес за да се истакнеш од толпата и малиот број улоги за новите актери. Дека е така, потврди и младата глумица Ангела Апостоловска.
Дваесет и петгодишната битолчанка Ангела Апостоловска студирала на Националниот универзитет за драмски уметности и кинематографија „Јон Лука Караџиале“ во Букурешт. Таа таму ги завршила своите додипломски студии и магистратурата. Шест години живеела во студентски дом кој бил наменет само за студентите од нејзиниот универзитет.
Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски
- Студирав актерство (актерска игра) на факултетот за театар. Се одлучив за оваа насока првенствено бидејќи имав желба да ги продолжам моите студии надвор од Македонија, поконкретно во Романија, за да запознам една нова култура, како таа култура гледа на театарот и филмот, да искусам друг начин на живот, да се осамостојам на секое поле. Самиот универзитет е многу високо рангиран, поседува одличен кадар и усовршува одлични методи. Тоа се дополнителни работи со кои бев запознаена и беа дел од причините поради кои го одбрав факултетот, чија реална вредност ја дознав дури по завршувањето - вели Ангела.
Во држава во која си оставен сам на себе, огромен предизвик е да се снајдеш, истакнеш и да се докажеш
Преселбата во друга држава е тешка и се јавува носталгија затоа што она што ти било блиско и познато сега го нема. Ангела живеела во студентски дом кој бил наменет само за студентите од нејзиниот универзитет, а предавањата биле на романски јазик, па морала добро да го совлада јазикот.
Фото: Александар Котевски
- Со оглед на тоа дека бев со стипендија, ми беше соопштено дека имам една подготвителна година да го научам јазикот, а веќе наредната академска година да се кандидирам како полноправен кандидат на приемниот испит. Ова значеше дека мојот приемен испит како странец нема да биде ништо поразличен од оној на Романците. Тоа претставуваше и предизвик и притисок - вели таа.
Во првиот семестар игравме „детски“ игри
Покрај теоретските предавања, на факултетите за драмска уметност најголем акцент се става на физичката активност, движењата на сцената, кооперацијата и координирањето со другите глумци, комуникацијата и слично. Младата глумица накратко ни раскажа за нејзиниот прв семестар и необичниот начин на предавање:
- Откако ме примија, во октомври, па до крајот на семестарот беше период за т.н. игри. Не им ја сфаќав поентата на сите тие навидум детски игри, кои всушност предизвикуваа стимул за внимание на сите партнери на сцената, на реквизитите, на целокупната сценографија, на публиката. Ја будеа меморијата дури и за оние моменти кои можеби сме сакале да ни останат затрупани некаде. Ги развиваа рамномерно двете страни на телото, колку десната толку и левата, колку долните, толку и горните екстремитети, како и нивното паралелно функционирање. Подоцна продолживме со кратки сцени од филмови и пракса на најразлични ситуации, за полека да стигнеме до Шекспир, Чехов, како и Караџиале - најголемиот романски драматург по кој и универзитетот го добил името. Кога станува збор за теорија или пракса - повеќе имаше пракса. Имавме проби и по 12 часа, некогаш траеја до 3 часот наутро. Многу часови поминавме и во вежбање сценски говор, пеење и танц - раскажува актерката.
Во студентски дом се прават најдобрите забави и собиранки за учење
- Докажано е дека информациите прво стигнуваат во студентските домови, исто така и најдобрите журки се прават таму, собиранки за учење, се стекнуваат доблести кои доживотно ќе нѐ служат, како скромност, трпеливост, дарежливост, па дури и способност за работа во екипа. Романските интернати нудат солидни услови, студентскиот простор во кој престојував беше еден вид гарсониера (соба, кујна, ходник и тоалет). На секој кат имавме посебни простории со машини за перење. А најважно е што интерните беа во непосредна близина на соодветните универзитети, а тоа за еден нов студент во милионски град како Букурешт е голем плус - раскажува Ангела.
Факултетот нуди многу можности, меѓутоа, тоа останува на студентите дали ќе одлучат да ги искористат или не. Во текот на студирањето се прошируваат контактите и познанствата со луѓето, со што се зголемуваат шансите за понатамошни ангажмани, а факултетот самостојно како институција не може да помогне во пронаоѓањето работа за новите дипломци и магистри - вели таа.
- Неблагодарно би било да кажам дека и факултетот и државата не им нудат можности на младите, исто колку што е апсурдно да кажам дека по завршувањето на факултетот имаш загарантирано вработување. Според мене, по завршувањето на студиите ниту еден актер не е актер. Тоа се стекнува по десетици изиграни претстави на оние т.н. штици што живот значат. Затоа, по завршувањето треба трпеливо, па дури и со мали чекори, да се оди кон она што секој актер си го има зацртано.
Улога во „Преспав“ и паралелно магистерски студии
„Преспав“ е една од најактуелните македонски серии и во последните неколку години кулминира со својата популарност и разновидност на ликовите. Најразличните судири и случувања на ликовите веќе 6 години успеваат да го задржат вниманието на гледачите преку сатирата и хуморот. Ангела имала мала улога во оваа серија како калуѓерка и девојка на судијата Звонко.
- „Преспав“ ми беше желба уште од првата сезона. Баш тој период на факултет анализиравме и комедија на карактери, комедија на ситуации, комедија на говор... елементи кои длабински се обработени во овој проект. Искрено, како млад студент, не е лесно да дејствуваш на две територии оддалечени 1.000 км и знаев дека постапувајќи така, не ќе можам да го дадам својот максимум ниту на едното ниту на другото место. Сѐ во свое време, си велев со цел да не ги запоставам студиите. Така и беше. Лани паралелно со последната година од магистерските студии успеав да се појавам и во „Преспав“ со помала улога која се надевам дека ќе расте.
Покрај 6. сезони на најпозната македонска серија, таа доби и свое продолжение под името „Куќен притвор“, чија тематика е куќниот притвор на инспекторот Томе. Младата глумица се појавува во оваа серија како лик со навистина потешка улога која е сведена на минимален говор, гестикулации и реакции - дактилографката Цеца.
- „Куќен притвор“ се појавува како продолжение на „Преспав“. По пресудата за куќен притвор на инспекторот Томе, која е финалната етапа од 6. сезона на „Преспав“, сега претставуваме сегменти од приватниот живот на главниот протагонист Томе. Ја играм улогата на дактилографка во судницата каде што се одвиваат сите судења, впрочем, каде и да е судијата Звонко - таму е и дактилографката. Предизвик беше што човек како мене, кој приватно и тоа како обожава да зборува, сега треба да го гради ликот базирајќи се само на реакции на сѐ што се случува без многу да зборува да си ја гледа својата работа. „Куќен притвор“ задржува од тематиката на „Преспав“, но верувајте - и тоа како е поразлична. Почнувајќи од актерската екипа, хуморот, па сѐ до начинот на снимање. Искрено се надевам дека ќе допре до публиката и дека ќе ја насмее до солзи - вели глумицата.
Таа сподели дека планира да го забрза темпото на работа:
- Моите планови се да продолжам со за нијанса побрзо темпо. Несомнено е дека се нудат можности, само треба да се зграпчат во вистински момент. Кога велам со побрзо темпо, мислам на посветување и во театарската сфера, повеќе проекти, повеќе предизвици. Се трудам да бидам оптимист и тоа ме натера да се вратам во Македонија. Сакам да ѝ дадам шанса на нашата држава, секако, ако и таа ми даде.