Програмата „Борис Трајковски“ со која се доделуваат стипендии за четиригодишно школување во меѓународната гимназија „Нова“ е во тек и ученици од деветто одделение од целата земја до 12 декември може да се пријавуваат преку веб-страницата на образовната институција
http://www.nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx. Единствен предуслов е апликантот да има одличен успех од седмо до деветто одделение. На 14 декември во просториите на „Нова“ ќе биде организиран првиот круг на тестирање - пишување состав на дадена тема. Во следната фаза ќе преминат 25 кандидати, а датумот и информациите за вториот круг на тестирањето ќе бидат дополнително објавени.
Досега десетици млади луѓе ја имаат добиено оваа стипендија, меѓу кои и Андреј Давитков и Галена Јованоска, кои се прва година во училиштето и велат дека се многу задоволни со одлуката.
- Основното образование го имам завршено во мојот роден град Кочани, во училиштето „Св. Кирил и Методиј“. Главна мотивација за аплицирање за стипендијата ми беше желбата да постигнам нешто повеќе, нешто позначајно. Исто така, голем дел од мојата мотивација ја влечам од фактот дека мојата сестра исто така имаше добиено стипендија, но во друго училиште. Процесот беше релативно добро осмислен за да не биде ни прелесен ни претежок - објаснува Андреј.
Андреј Давитков
Стипендијата ми беше предизвик
Галена смета дека критериумите да се добие стипендијата се високи, но не и недостижни.
- Основно образование завршив во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје. Наставниците многу често ни зборуваа за стипендијата бидејќи многу деца од нашето училиште аплицираат секоја година. Но поголема инспирација ми беа моите братучеди, кои имаат завршено во „Нова“ со добиена стипендија. Иако не се многу постари од мене, цел живот ми се инспирација за тоа како да размислувам и како да го гледам светот, па навистина сакав да го постигнам тоа што тие го постигнале. Мислам дека континуираното образование има големо влијание да се добие стипендијата, а конкретно за тестовите почнав да се подготвувам неколку недели пред првиот круг. Иако тој беше аналитички потежок, вториот круг беше голем предизвик бидејќи беа оценувани нашите лични способности, карактер и лидерство - посочува Галена и додава дека за образованието во „Нова“ има само пофални зборови со оглед на тоа дека секој наставник им е посветен на учениците и се работи со материјали од светски докажани автори.
Галена Јованоска
Апликантите треба само да веруваат во себе
Програмата „Борис Трајковски“ е почната во 2005 година и е отворена со цел да се продолжи визијата на прерано починатиот претседател Борис Трајковски да помогне и поддржи квалитетни ученици.
- Преку процесот на селекција на оваа програма ги препознаваме квалитетите кај стипендистите за брза адаптација во новата училишна средина. Она што е наједноставно да се уочи е нивната подготвеност за соработка, одличните академски постигнувања, а во оваа пригода сакам да го потенцирам нивното прво интернационално искуство. На пример, минатата недела тројцата стипендисти учествуваа на дебатен натпревар во Белград каде што постигнаа одлични резултати - прво и трето место. Со ова само се покажува дека по само четири месеци од почетокот на оваа година тие веќе се важен дел од училишниот организам. Од другата страна, пак, наскоро ќе се збогуваме со стипендистите - матуранти кои сега се исправени пред многу дилеми: каде понатаму? Тие имаат многу опции за студирање, процесот на аплицирање е тежок, а тие одлично се носат со сите обврски што ги имаат во последната година од гимназиското образование - објаснува Анкица Лозановска од меѓународното училиште „Нова“.
Анкица Лозановска од меѓународното училиште „Нова“
Арта Ќато од оваа образовна институција посочува дека некои од најголемите придобивки на стипендијата се: пристапот до меѓународно образование и развој на академски вештини преку меѓународна диплома; учество на натпревари со други меѓународни училишта; развивање и остварување проекти за помош на заедницата; учество и водење тимови кои го претставуваат училиштето како и континуирана професионална поддршка за развој на афинитетите кон понатамошно универзитетско образование.
Арта Ќато
- На апликантите за стипендијата би сакала да им порачам дека е најважно да веруваат во себе. Секој ученик се пријавува на тестирањето со свои желби и знаења. Да не се обесхрабруваат и да не ја гледаат „Нова“ како нешто далечно, туку повеќе како место во кое може да се пронајдат себеси. Да бидат храбри, да не се плашат од своите соништа и секако да учествуваат и да си ги проверат знаењата – додава Ќато.
Повеќе информации за сите заинтересирани за стипендијата може да се најдат на следниот линк
http://www.nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx