Kучиња-скитници јадат човечки остатоци на скопската депонија „Дрисла“ зашто медицинскиот отпад е несовесно уништуван, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој со главниот инспектор на Скопје, Мирослав Богдановски, објави видеа и фотографии на кои јасно се гледа што се случувало досега. Град Скопје пред 50-ина дена дошол до доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот на територијата на градот и веднаш ги известил надлежните институции.
Од објавеното видео се забележува како бил третиран медицинскиот отпад.
- За жал, немаме податоци колку долго и колку често на ваков начин се третирал овој отпад. Наместо термичка обработка и стерилизација, се случувала несоодветна обработка на медицинскиот отпад, кој потоа завршувал на „Дрисла“ како обичен отпад. На видеото се гледа дека поради несоодветната обработка на медицинскиот отпад, кучиња-скитници јадат човечки остатоци и крв истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар - соопшти Шилегов.
Тој нагласи дека повеќе од 50 дена Град Скопје чека активност од Јавното обвинителство, но досега немаат информација дали воопшто официјално е започната истрага.
Фото: Град Скопје
- Според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција – рече Шилегов.
Случајот го открил главниот инспектор Богдановски, кој добил многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Богдановски на дело ги фатил како вршат несоодветно третирање на опасен отпад.
- Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази за луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион кој не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад, за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад - објасни Богдановски.