X
 04.06.2026 Живот

Македонија ја доби највисоката планинарска трансверзала на Балканот - 202 километри над облаците

Асоцијацијата Македонска бесконечна трансверзала - Самиана ја објави секцијата Z2, наречена Балканска небесна трансверзала, или Балкан скајлајн трајл. Со 202 километри и просечна надморска висина од 2.030 метри, ова е највисоката долга планинарска трансверзала на Балканот и една од највисоките во Европа. Трасата поминува по гребените на Шар Планина и масивот Кораб - два македонски планински колоси кои се речиси непознати во меѓународната планинарска заедница.



Од асоцијацијата наведуваат дека Балкан скајлајн трајл е дизајнирана со едноставна, бескомпромисна логика - да остане колку што е можно повисоко, колку што е можно подолго. Дури 65 % од трасата се над 2.000 метри. Кораб, со своите 2.764 метри како највисок врв во Македонија - го доминира западниот дел со сурова алпска присутност. Делот низ Кораб е оценет како екстремен и не е препорачлив за планинари без искуство на технички алпски терен. Ова е маршрута која бара подготовка, искуство и почит кон планината.



Балкан скајлајн трајл е осма јавно достапна секција на Самиана - Македонската бесконечна трансверзала, долгометражна планинарска маршрута која со своите 2.070 километри во целост ќе ги поврзе речиси сите македонски планини. Проектот го развива и одржува Асоцијацијата на волонтери-планинари кои веќе неколку години ја оформуваат, мапираат и обележуваат трасата. Со објавувањето на ова секција, Македонија добива уште еден аргумент за да стане сериозна светска планинарска дестинација.

И додека западното крило уште се дооформува, источното крило на Македонската бесконечна трансверзала е веќе комплетно завршено и достапно. Седумте секции на источното крило, кои поминуваат низ целиот централен и источен дел на Македонија, веќе привлекуваат странски планинари кои специјално доаѓаат во Македонија за да ги изодат. Со објавувањето на Z2, сликата на Самиана како комплетна трансверзала низ целата земја почнува да ја добива својата планирана форма.

Трасата на новата секција Z2 е достапна на sammiana.com со комплетни GPS записи, опис на сегменти и практични информации за планирање. Наменета е исклучиво за искусни планинари со GPS навигациски вештини и искуство во алпски терен.











Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот