X
 04.09.2018 Наука

Анимација: Температурните трендови низ 191 земја

Во презентациите на глобалното затоплување понекогаш набљудувањето на мапите како преминуваат од сина (студено) во црвена (жешко) боја станува заморно. Талентираните визуализатори на податоците пронаоѓаат нови и креативни начини за илустрација на затоплувањето на планетата.

Најновата визуализација на затоплувањето на Земјата направена од Анти Липонен, истражувачки научник од Финскиот метеоролошки институт, е прилично застрашувачка. Открива дека повеќето земји доживеале затоплување од најмалку 1 степен, а сите освен Кирибати се загреале за најмалку 0,5 степени од крајот на 19 век.

Визуализацијата на Липонен ги прикажува температурните трендови на 191 земја преку правоаголна мрежа.

Секоја земја е претставена со круг. Големината на кругот покажува колку се променила температурата во однос на просечната температура помеѓу 1951 и 1980 година, користејќи податоци од НАСА.

Боите се користат за илустрирање на тоа дали станува збор за затоплување или за ладење. Температурите за загревање следат постепена промена од портокалова до црвена врз основа на интензитетот, додека круговите што покажуваат ладење се со нијанси на сино.

Визуализацијата е анимирана временска серија што опфаќа период од 1880 до 2017 година.

Кога анимацијата ќе почне да се движи, таблата е исполнета со низа на сина светлина, што укажува на студена температура, но постепено исчезнува од 70-тите години кога Земјата започнала да се загрева.



До 2010 година на таблата се појавуваат големи портокалови и црвени трепкачки светла, како да викаат „внимавај“, па „стоп“.

Црвените кругови прикажуваат затоплување од најмалку 2 степена, што некои го изедначуваат со опасно попречување на климатскиот систем.

- Без оглед на тоа како го визуализирате, изгледа страшно - пишува Липонен во својот твит.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука