Во лабораторијата на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија глувците халуцинираат. Научниците ги предизвикале халуцинациите кај животните со помош на ласерска технологија, така што светлосните зраци поттикнуваат одредена група неврони.
Оваа техника треба да им овозможи на научниците увид во начинот на кој милијарди неврони во мозокот ни овозможуваат да стекнеме впечаток за околината. Истражувањето би можело да доведе и до нови видови лекувања на психолошките нарушувања, а меѓу другото и на неконтролираните халуцинации.
Доктор Карл Дизерот, психијатар и невролог од „Стенфорд“, кон почетокот на 21 век со своите колеги активирал кај глувците одредени неврони со сноп светлина. Истражувачите, благодарение на светлината, откриле на кој начин функционираат невроните. Но, Дизерот сакал да избере една клетка во мозокот што ќе ја активира и исклучува со помош на светлината.
Научниците дизајнирале уред што испушта мали снопови црвена светлина што влијае врз десетици индивидуални мозочни неврони одеднаш. За да го тестираат овој систем, Дизерот и неговите колеги се фокусирале на перцепцијата на мозокот за визуелниот свет. Кога светлината стигнува до очите, таа ги активира нервните завршетоци во мрежницата, која ги испраќа електричните импулси во задниот дел од мозокот.
Таму, во визуелниот кортекс, невроните препознаваат обрасци што мозокот потоа ги составува во слика за реалноста.
Научниците вметнале два гени во невроните што се наоѓаат во визуелниот кортекс на глувците. Едниот ген ги правел чувствителни на црвената светлина на ласерот, а другиот ги стимулирал невроните да создаваат зелен отсјај кога се активираат, така што истражувачите имале можност да го следат нивниот одговор.
Потоа на глувците им биле прикажани слики на монитор. На некои се наоѓале вертикални ленти, на други хоризонтални. Понекогаш биле светло обоени и истакнати, а понекогаш матни. Истражувачите ги научиле глувците да ја лижат цевката кога ќе видат вертикални ленти. Ако правилно го извршат тестот, тие добиваат капка вода.
Додека на глувците им биле прикажани слики, илјадници неврони во нивниот визуелен кортекс светкале зелено. Една група клетки се активирала во одговор со вертикалните ленти, а други неврони се активирале кога глувците набљудувале хоризонтални линии.
Истражувачите од двете групи неврони избрале по десетина, а кога повторно им ги прикажале лентите на глувците и ја насочиле светлината во невроните од групата што одговарала, активирањето на невроните што одговарале им помогнало на глувците попрецизно да ги препознаат лентите.
Истражувачите потоа го исклучиле мониторот и ги оставиле глувците во темница. Контролираните светлосни зраци ги движеле невроните и за хоризонталните и за вертикалните линии, а глувците ја лижеле цевката кога навистина ќе ги виделе вертикалните ленти.
Научниците ги стесниле снопчињата од црвена светлина на помала група неврони, а потоа на уште помала. Глувците продолжиле да се однесуваат како да ги набљудуваат вертикалните линии. Научниците утврдиле дека практично можат да предизвикаат халуцинација стимулирајќи само два неврони.
Групите неврони може да се наместат да реагираат и на најмал стимул. Доктор Дизерот и неговите колеги заклучиле дека за активирање на неколку неврони често не е потребен никаков оптогенетички уред; тие можат понекогаш да реагираат и без никаков стимул.
Ова ги збунило истражувачите: ако за тоа се потребни само два неврони, тогаш како не халуцинираме цело време? Дизерот објаснува дека кога невронот случајно реагира, другите го замолчуваат.
Како психијатар, Дизерот третирал голем број пациенти што страдале од визуелни халуцинации. Тој сака да дознае како некои неврони успеваат да доведат до создавање имагинарни слики и како може да се запрат халуцинациите.
- Сега знаеме каде се наоѓаат тие клетки, како изгледаат и каква форма имаат. Во
иднина ќе ги запознаеме многу подетално - истакнува д-р Дизерот.