X
 01.11.2019 Образование

Научници расправаат за патот на македонската наука и Шангајската листа

Педесетина научници од Македонија, најголем дел од нив професори и вработени на универзитетите во земјава, учествуваа на работилницата „Предизвици на патот на македонските универзитети кон европската истражувачка зона и Шангајската листа“, која денеска се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил Методиј“ во Скопје. Меѓу гостите беа предавачи од Бугарија и од Србија, претставници од германската амбасада во земјава, од ДААД Фондацијата во Македонија. Работилницата ја организираа алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот -Македонија“ и Природно-математичкиот факултет во координација со германската амбасада во Скопје, поддржана од престижната фондација ДААД од Германија.

Присутните ги поздрави проф. д-р Валентин Мирчески, претседател на „Хумболт и ДААД Клубот - Македонија“. Тој нагласи од колкава важност е дебатата за состојбите во образованието и науката во Македонија.

Пригодно обраќање имаше проф. Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, кој рече дека академската соработка го подигнува квалитетот на универзитетот и додаде дека задоволство е што во нашите кругови има богата алумни-заедница.

Катрин Фројнсфелд, аташе за култура при германската амбасада во земјава, рече дека е предизвик во еден ден да се разговара за состојбите на универзитетите и високото образование во земјава.
- Добро е што научната заедница се собра за да дебатира. Германија ќе продолжи да дава силна поддршка за интеграција на сите земји од Западен Балкан во европското семејство. А научните истражувања и образованието се клучни за виталноста на ЕУ - рече таа.

Работилницата е во тек, а се планира да заврши со сумирани заклучоци и заедничка изјава која ќе биде испратена до релевантните институции во Македонија.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование