Изработката на националната платформа за учење е во тест-верзија, истакна денес министерката за образование Мила Царовска по средбата со скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
- Мене ми беше презентирана и сметам дека таа треба да се направи да биде што поедноставна. Ќе биде презентирана и пред јавноста, за децата и родителите да ја имаат на дофат и пред почетокот на учебната година - рече Царовска.
Дел од училиштата се подготвени за физичко присуство и доставуваат барања, останатите се подготвуваат за учењето од далечина со нова национална платформа, која ќе биде едноставна и сите ученици ќе имаат пристап до неа.
- Сите заедно, родителите, учениците, директорите, да создадеме организација која ќе значи квалитет на наставата. Секако дека ова е динамички процес кој ненужно ќе се спроведува во годината и одлуките ќе се менуваат според состојбата - изјави Царовска.
Шилегов истакна дека е задоволен од разговорите што ги имаат деновиве со МОН и очекува дека ќе се донесе договор за комплексното прашање за отпочнување на новата учебна година.
Претставници на ЗЕЛС денес се сретнаа со Царовска
- Не сите училишта имаат исти услови, дури и на ниво на една општина. Правиме напори со цел во вонредни услови да најдеме доволно добро решение за почнување на училишната година, а да се исполнат и обврските на општините во делот на почитување на протоколите за да го зачуваме здравјето. Во рамките на можностите со кои располагаме да овозможиме оптимален старт - рече Шилегов.
До 10 септември сите општини треба да го известат МОН за тоа дали имаат услови да ја реализираат наставата во живо, рече Шилегов.
- Битно е да се напомене дека работиме за обезбедување технички услови за побрз и постабилен интернет. За мене е многу поважно во овој момент како единица на локална самоуправа да помогнеме во социјалниот статус и да им помогнеме на децата со помош на општествено одговорни фирми да можат да следат настава - вели Шилегов.
Во планот за работа на училиштата што треба да го усвои Владата е понудено хронично болните наставници да држат настава од дома, рече Царовска.
- И училиштата во една општина треба самите да си помагаат. Сега е време кога капацитетот на наставниците ќе покаже дека можат да се справат, дека и во ваква ситуација може да им пренесат знаење на учениците.