Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за 2023 година ќе изнесува 450 милиони евра, што е за 8,4 проценти повеќе во однос на буџетските средства кои ќе се реализираат до крајот на оваа календарска година, информира на денешната прес-конференција ресорниот министер Јетон Шаќири.
Според него, износот на средствата потврдува дека образованието е на висока позиција во агендата на Владата и во новиот план за работа.
- Дури и во услови на енергетска и економска криза, одлучни сме да се посветиме на развојот на образованието наместо на обезбедување само оптимално функционирање на националниот образовен систем. Продолжуваме со промените кои се неопходни да се случуваат заради интегрирање на нашето образование во европскиот образовен простор. Ги опфаќаме сите аспекти низ кои досега дејствувавме – образовна инфраструктура, наставни програми или учебници, мотивација на наставниците преку раст на платите и континуирана обука, стипендии и субвенции за студентите и учениците - рече Шаќири.
Тој истакна дека најголем дел од буџетот се трансферира кај единиците на локална самоуправа заради функционирањето на основните и средните училишта. Вкупно 313 милиони евра ќе се префрлат во општините, што е зголемување за 12,1 проценти, односно за 34 милиони евра во однос на блок дотациите.
Буџетот за плати во образованието ќе изнесува 68 милиони евра или 9,2 проценти односно за шест милиони евра повисок во однос на 2022 година.
Министерот најави дека инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет и предвидени се 18,3 милиони евра или 8,9 проценти повеќе средства во однос на годинава.
- Ќе почнеме изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Ќе продолжи изградбата на објектот кај ФИНКИ – Факултетот за физичка култура во Скопје. Ќе се гради нов објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови, а во рок од 30 месеци треба да станат енергетски ефикасни - информира Шаќири.
Вкупно 19,5 милиони евра се предвидени за исплата на стипендии, вклучително и сите нови категории кои се воведуваат за партиципација на ученички и студентски домови, како и за други субвенции, како што е субвенционираниот студентски оброк.
Во делот на науката, тој најави дека МОН продолжува со обезбедување на сите досега достапни можности на научноистражувачките работници.
Очекува сите проекции и зацртани цели за наредната година да бидат остварени во рамките на предвидените рокови.
Извор: МИА