Според неа, најсилниот адут за да го победи противникот е искуството во бразилско џиу-џицу и техниките што таму ги има совладано
Неодамна одекна веста дека македонската натпреварувачка Даниела Алексовска го освои златниот медал на Европското првенство во ММА во Белград, Србија. Даниела ја освои првата европска ММА титула за Македонија во женска категорија.
Со неа
разговаравме пред две години, кога стана првак во бразилско џиу-џицу и ни навести дека следен нејзин предизвик и голема желба е да се натпреварува во ММА. Две години подоцна ја освои титулата европски шампион во ММА, а и е рангирана како трета во светот во категоријата јуниори - 52,2 килограми.
Интересна и кратка борба
Даниела вели дека победата дошла спонтано, без план и очекување.
-Клучни потези и смислени тактики за оваа борба немавме, едноставно зафатот кој го направив дојде спонтано, без да го имам планирано. Борбата беше многу интересна, но и многу кратка, на некој начин тоа беше надмудрување на силата со техника. Едноставно ова е спорт кој го тренирам секојдневно, на тренинзите се формира комфорност и доверба во сите позиции во кои може да се најдеме во борба за она што се случува во кафезот да биде продукт на мускулната меморија. Нашите подготовки не завршуваат тука, се надевам на големи успеси во блиска иднина - ни сподели Даниела.
Голема одговорност за следните турнири
Додава дека да си на врвот на Европа во ММА е одлично чувство, но тоа носи и голема одговорност на следните турнири, односно потребно е докажување на оваа титула.
Според неа, предноста, односно најсилниот адут за да го победи противникот е искуството во бразилско џиу-џицу и техниките што таму ги има совладано. По освоениот сребрен медал на Европското првенство во 2024 година, оваа година Даниела ја потврди својата спремност и непобедливост со златен медал.
-Првпат имаме два европски шампиони, Марио Трајановски е европски шампион во машка конкуренција, во категорија до 83,9 килограми. Ова е голем успех како за мене, така и за Македонија. Следен предизвик ми е Светското првенство во ММА - подвлекува Даниела.
Таа веќе неколку години ја урива конкуренцијата во Македонија и пошироко во џудо, граплинг, кикбокс и во бразилско џиу-џицу, нејзиниот матичен спорт, кој досега ѝ донесе многу медали и признанија, па дури ретко се наоѓа соодветен противник за неа. Но во фокусот сега ѝ е само ММА.
- На Европското првенство имавме добар старт со два златни медали, а во иднина нѐ очекуваат уште поголеми успеси - дополнува Даниела.
Даниела почнала да се занимава со борачки вештини на шест години, односно кога почнала со основно образование во 2012 година.
Во нејзиниот клуб „Д Стронгест“ се формирала група за деца во која на почетокот тренирала со неколку врсници, со кои заедно се натпреварувала на турнири. Прва борачка вештина со која почнала е бразилското џиу-џицу, а потоа џудо, таи бокс и ММА.