X
 28.03.2023 Наша тема

Даниела Алексовска, првак во бразилско џиу-џицу: „Честопати на турнирите се натпреварувам со машки противник“

Бразилското џиу-џица е вештина која е најконкретна кога станува збор за самоодбрана, а покрај тоа таа е добра за физичкото, менталното здравје, за самодовербата итн. Даниела Алексовска е првак во бразилско џиу-џицу и ги охрабрува девојките да почнат да тренираат и нивниот број да почне да се зголемува, па заеднички да го срушат стереотипот дека девојките се за понежни спортови

Велат дека вистинските шампиони не се секогаш оние што победуваат, туку оние со најмногу храброст. А Даниела Алексовска (16) конзистентно победува со храброст. Таа веќе неколку години ја урива конкуренцијата во Македонија и пошироко во џудо, граплинг, кикбокс и во бразилско џиу-џицу, нејзиниот матичен спорт, кој досега ѝ донесе многу медали и признанија, па дури ретко се наоѓа соодветен противник за неа.

- За најголем успех го сметам бронзениот медал на Светското првенство во бразилско џиу-џицу минатата година во Абу Даби, во категорија на виолетови појаси. Исто така, златниот медал на Европското првенство во Рим 2018 година - ни изјави Алексовска.



Годинава имаме многу предвидени турнири, меѓународни, државни, европски и на крајот од годината светско првенство. Исто така, оваа година би сакала да почнам да се натпреварувам во ММА, додава Даниела.

Често има машки противник


Почнала да се занимава со борачки вештини од шест години, односно кога почнала со основно образование во 2012 година.
- Во нашиот клуб „Д Стронгест“ се формира група за деца во која тренирав со неколку мои врсници, со кои заедно се натпреварувавме на претстојните турнири. Прва борачка вештина со која почнав е бразилската џиу-џица, со која се занимавам до ден-денес. Тренирам повеќе борачки вештини БЏЏ, џудо, таи бокс и ММА. Најчесто се натпреварувам во БЏЏ, но исто така и во џудо. Бразилската џиу-џица е вештина која можам да ја издвојам како најомилена. Но во блиска иднина би сакала да се натпреварувам и во ММА - споделува Алексовска.



Она со што таа се соочува е тешко наоѓање соодветен противник, особено во женска конкуренција.

- Често на турнирите тешко се наоѓа противник кој ми е иста категорија, односно послаба е женската конкуренција на Балканот, па може да се каже и во Европа. Причината, претпоставувам, е во предрасудите при изборот на борачката вештина, односно половата поделба. Поголемиот дел од луѓето сметаат дека борачките вештини се за машки, додека пак жените треба да се занимаваат со некои понежни спортови. Честопати на турнирите во детска категорија се случува да се спојат девојчиња со момчиња. Може да се каже дека на помала возраст поголем дел од борбите ми биле со момчиња, како и мојот прв турнир во Бугарија на кој имав две борби од кои двете ми беа со момчиња. Тие борби беа атракција на турнирот за кои пишуваа во бугарските печатени медиуми „борбите на момчињата со девојчето во розовото кимоно“ - ни раскажува Даниела.

Полека се надминува стереотипот

Ако е точно тврдењето дека силна жена е жена решена да прави нешто што другите се решени да не го направат, Даниела дефинитивно го оправдува епитетот силна жена и во буквална и во фигуративна форма.


Даниела со татко ѝ, кој воедно ѝ е тренер

- Честопати жените што практикуваат каков било вид борачка вештина се изложени на предрасуди и чудни реакции, со помисла дека борачките вештини не се за нив, туку дека се наменети за момчиња, а пак жените треба да се занимаваат со понежни спортови како тенис, одбојка или некаков вид танц - истакнува таа.

Додава дека како што поминува времето, полека се надминува овој стереотип, но секако сѐ уште е присутен.

- Бразилската џиу-џица е вештина која е најконкретна кога станува збор за самоодбрана, а покрај тоа е добра за физичкото, менталното здравје, за самодовербата итн. Ова е мојата препорака за девојките што сакаат да се занимаваат со некој спорт. Исто така, мора да напоменам дека во нашиот центар за борачки вештини формиравме група само за девојки за БЏЏ. Верувајте дека оваа борачка вештина претставува љубов на прв поглед - споделува Даниела Алексовска.




Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема