Данската влада планира странците што ќе бидат осудени, казната да ја отслужуваат на пустиот остров Линдхолм, кој има површина на 7 хектари и е оддалечен 2,5 километра од Данска. Министерот за финансии Кристијан Јенсен од партијата Венстре истакна дека криминалците ќе бидат сместени на островот. Сместувачките капацитети ќе ги прифаќаат оние на кои, поради криминал, не им е одобрен азил, како и странците што немаат дозвола за престој, а не можат да бидат депортирани.
Данската народна партија, која е антиимиграциска, за новата политика се изјасни на „Твитер“, заедно со пропаганден цртан филм.
- Додека не се ослободиме од нив, ќе ги преместиме на островот Линдхолм, каде што ќе мора да останат во новиот центар за депортирање во текот на ноќта. Постојано ќе има полиција - истакна портпаролот на партијата.
Во цртаниот се прикажува еден човек кој со брод се превезува на пуст остров.
Голем број корисници на социјалните мрежи сметаат дека новата политика на данската влада и цртаниот филм се расистички, а има и некои што ги фалат новите владини планови. Јенсен вели дека жителите на островот нема да бидат во
затвор.
- Ќе има траектна врска, но траектите нема да одат постојано и странските криминалци во текот на ноќта ќе мора да бидат во центарот на островот. На тој начин подобро ќе следиме каде се - истакна тој.
Опозицијата остро ја искритикува одлуката на владата. Уфе Елбеак од зелената политичка партија Алтернатива истакна дека зелената влада која би сакал да ја води никогаш не би протерувала луѓе на пуст остров.
- Нехуманата политика создава сосема различна Данска од онаа што ја сакам - истакна тој.
Иако околу 87 отсто од населението во Данска се со данско потекло, бројот на мигранти и бегалци од незападни земји како
Авганистан и Сирија е прилично зголемен во последните години.