Ворен Бафет е познат по своите совети за инвестиции и берзи, како и по својата животна мудрост, која понекогаш е уште покорисна, секако, доколку ја применувате.
Еден од неговите класични совети може да се земе како добра почетна точка. Тој смета дека елиминирањето на лошите навики треба да биде приоритет на сите, бидејќи тие нѐ спречуваат да го откриеме нашиот целосен потенцијал.
- Често гледам луѓе со овие модели на самоуништувачко однесување. Тие се заробени и не можат да излезат - вели Бафет.
Во една пригода Бафет ги советуваше дипломците на Универзитетот во Флорида да научат и да практикуваат навики рано во нивниот живот, пред да биде предоцна.
- Полесно можете да се ослободите од лошите навики на ваша возраст отколку на моја возраст, бидејќи повеќето однесувања се навики - рече тој.
Тој, исто така, го цитирал англискиот филозоф Бертранд Расел: - Синџирите на навиките се премногу лесни за да се почувствуваат, сè додека не станат претешки за да можат да се остават.
Лошата навика од која треба да се ослободите
Овие зборови добро го опишуваат подлиот карактер на лошите навики и во личниот живот и во кариерата. Тие често стануваат видливи откако ќе биде предоцна.
Во овој поглед, постои лоша навика на која треба да обрнете посебно внимание за да не предизвикате сериозно оштетување на вашиот професионален развој на долг рок. Станува збор за интелектуална ароганција. Со други зборови, потребата да им покажете на другите дека сте попаметни од нив. Ова е загарантиран сигурен начин да ја потрошите вашата можност да изградите стабилни и долготрајни односи со вашите колеги, клиенти и менаџери.
За да се надмине ефектот на интелектуална ароганција, најпаметните луѓе се отворени за учење нови работи и не ја пропуштаат можноста да го апсорбираат знаењето на другите околу нив. Со други зборови, да се биде паметен, но не и арогантен, значи да си признаете себеси дека не знаете сè и да барате совет од луѓе што можеби знаат повеќе од вас.
Затоа што ако сте најпаметната личност во просторијата, тогаш веројатно сте во погрешна просторија.
Автор: Марсел Шуантес
Извор:
Inc.com
Фото: Freepik