X
 06.03.2020 Живот

Холандија почна да го гради најдолгиот мост за велосипедисти во Европа

Холандија ја почна изградбата на она што треба да биде најдолгиот мост за велосипедисти и пешаци во Европа, а ќе се протега преку езерото, каналот, автопатот и природниот резерват за да го поврзе новото село со најблискиот град.

Таканаречениот „Мост со син тепих“ или „Блаув Лопер“ ќе биде долг 800 метри, но постојат планови да се прошири до 1 километар. Првата фаза треба да биде завршена наредниот Божиќ.

Мостот чија изградба ќе чини 6,5 милиони евра, ќе го поврзе Виншотен, во провинцијата Гронинген, со Блаувестад, ново село што се гради на откупено земјиште.

Мостот ќе биде достапен само за велосипедисти и пешаци - и лилјаци. Неговото ЛЕД-осветлување ќе биде дизајнирано да им помогне на овие животни да го најдат патот од блискиот резерват до езерото Олдамбтмаер. Исто така, мостот ќе биде обоен во зелена боја, што е пријателска за лилјаците.

most
Фото: Screenshot/The Guardian

Мостот е дизајниран да трае најмалку 80 години и покрај тоа што ќе биде од дрво.

- Сметаме дека можеме да го направиме да биде километар долг со поврзување на главната улица на Блаувестад - вели Рејндер Лантинг, лидер на проектот.

- Овој мост нема да изгние затоа што е технички добро дизајниран. Дрвото не е притиснато заедно туку има еден вид вентилациски систем - додава тој.

„Блаув Лопер“ ќе го надмине сегашниот најдолг велосипедски мост во Европа, кој се наоѓа во Солвесборг, јужна Шведска. Мостот долг 756 метри се протега низ Заливот Солвесборг.

Извор: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот