Жените во малите групи на собирачи и ловци редовно ловеле дивеч заедно со мажите, покажува истражување објавено во списанието „Сајенс адвенсес“.
Истражувачите ископале дел од скелет стар 9.000 години на Андите кој бил закопан со алатки за ловење и заклучиле дека остатоците ѝ припаѓале на жена. Истражувачите анализирале и претходни
истражувања за човечки остатоци од овој период и откриле повеќе примери во Северна и Јужна Америка на жени закопани со алатки за ловење дивеч.
Заклучокот бил изненадувачки бидејќи досега се сметало дека во заедниците на собирачи и ловци за ловот биле задолжени мажите, додека жените собирале плодови и ја подготвувале храната, објаснува Рандал Хас, археолог на Универзитетот на Калифорнија во Дејвис.
Некои истражувачи претпоставуваат дека некои историски заедници имале порамномерна поделба на трудот. Шенон Ташингем, археолог и директор на Музејот за антропологија на државниот универзитет во Вашингтон, вели дека луѓето во историјата веројатно ловеле групно, а тие групи веројатно ги вклучувале и децата, освен мажите и жените. Овие заклучоци се донесени врз основа на алатките за ловење што ги пронаоѓале археолозите.
Во новото истражување експертите анализирале шест скелети ископани во локалитет во јужниот дел на Перу. Два од нив биле закопани со алатки за ловење - едниот му припаѓал на маж на возраст од 25 до 30 години, додека другиот бил на жена на возраст од 17 до 19 години.
За да проверат дали оваа жена била исклучок, истражувачите анализирале записи од погребни места низ двата континенти. Од 27 скелети закопани со алатки за ловење 11 биле женски, а 16 машки. Истражувањето покажува дека родовите улоги биле порамномерни во минатото отколку што се мислело досега, вели Хас.
Автор: Кејт Багли
Извор:
popsci.com