X
 29.03.2016 Култура

Стоби, вистинско место за учење конзервација и реставрација



Секоја година во Стоби во јуни се организираат две работилници за конзервација. Првата е наменета за конзервација и реставрација на керамички садови и стакло, а втората за мозаици и фрески. Работилниците ги водат овластени конзерватори за соодветната област. Блажевска вели дека досега на работилниците имало учесници од многу земји во светот, најмногу од Соединетите Американски Држави и Канада, но и од Јапонија, Тајван, Австралија, Велика Британија, Италија и други

Ентузијасти и професионалци од цел свет и годинава, по седми пат, ќе учествуваат на меѓународните работилници за конзервација и реставрација кои се одржуваат на археолошкиот локалитет Стоби кај Градско. Локалитетот Стоби, кој веќе неколку години има статус на национална установа, ги организира работилниците во соработка со фондацијата „Балканско Наследство“ од Стара Загора, Бугарија. Археологот м-р Силвана Блажевска, директорка на Стоби, вели дека обврските за реализацијата на работилниците се поделени. Фондацијата е одговорна за рекламирањето на работилниците на веб страници, на универзитети низ целиот свет и комуникацијата со апликантите. Обвските, пак на локалитетот се директно поврзани со реализацијата на работилниците, во кои помага и фондацијата.

Блажевска објаснува како почнала соработката со „Балканско наследство“, во 2009 година, при една нивна посета на Стоби.

- Тие веќе работеа во Македонија заедно со колегите од Заводот и музеј од Битола, со кои организираа археолошки истражувања на локалитетот Хераклеја Линкестис. Следната година потпишавме договор за соработка и започнавме со реализација на работилници за конзервација и школа за археолошки истражувања - објаснува таа.

Доаѓаат учесници од цел свет

Според Блажевска, на работилниците може да се пријави и да учествува секој заинтересиран да научи нешто ново.

- Се разбира, треба и да може да си дозволи, со оглед на тоа што обуката се плаќа. Не е задолжително учесникот да има претходни познавања од областа на конзервацијата и реставрацијата на културното наследство, затоа што станува збор за обука наменета за почетници - вели Блажевска.

Така, секоја година во јуни се организираат две работилници за конзервација. Првата е наменета за конзервација и реставрација на керамички садови и стакло, а втората за мозаици и фрески. Работилниците ги водат овластени конзерватори за соодветната област. Блажевска вели дека досега на работилниците имало учесници од многу земји во светот, најмногу од Соединетите Американски Држави и Канада, но и од Јапонија, Тајван, Австралија, Велика Британија, Италија и други.

- Најчесто се пријавуваат студенти, но и повозрасни лица со разни професии кои сакаат да патуваат и да стекнат нови искуства - вели таа.

Обуката трае две недели, но од минатата година и двете работилници се продолжени за уште една недела. Работилниците се поделени на теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел опфаќа општи предавања за историјата и археологијата на Стоби и Македонија, за главните форми на садови кои се откриваат на Стоби и специјализирани предавања поврзани со постапките и методите на конзервација и реставрација на керамички садови од нивното откривање до формирање на цели садови.

Зачувување на наследството

Во практичниот дел, учесниците прво вежбаат на нови, а потоа и на оригинални садови, се разбира со едноставни форми. Попладневите активности опфаќаат создавање документација за сработеното.

- Истите процеси ги опфаќа и обуката за конзервација на стаклени садови, но порадиспецифичноста и кршливоста на стаклото, практичниот дел од обуката се спроведува само на нови садови - вели Блажевска.

Работилницата за мозаик вообичаено е вклопена во некој од тековните проекти на Стоби за конзервација и реставрација на мозаици. Во текот на обуката, учесниците покрај теоретскиот дел во кој имаат предавања за техниките на изработка на мозаици, за откриените мозаици во Стоби, ги учат сите процеси во конзервацијата на подните мозаици, почнувајќи од создавање техничка, фото и описна документација, до обработка на фрагменти и поставување на нова подлога.

- Еднонеделната обука за фрески се врши на мали фрагменти, на кои се врши превентивно чистење на површината од земја и наслаги и нивна консолидација. Стоби има бенефит од организацијата на работилниците од повеќе аспекти. Прво, работилниците помагаат да се сочува дел од културното наследство на Стоби, додека пак собраните средства покрај тоа што целосно ги покриваат трошоците за престој и обука на учесниците, помагаат во ко-финансирање на други проекти од областа на заштитата на културното наследство или други инфраструктурни зафати, печатење публикации и слично. Секој викенд организираме едукативни патувања за учесниците до Охрид и Битола,а од минатата година и до Пела и Вергина во Грција.

(В.Ф.)

Промоција на Македонија во светот

Организирање на вакви работилници или школи за археолошки истражувања е долгогодишна пракса на огромен број локалитети во светот кои на овој начин реализираат проекти и се промовираат, објаснува директорката на Стоби, м-р Силвана Блажевска. - Се разбира дека ова е извонреден и непосреден начин да го промовираме културното наследство не само на Стоби, туку и на Македонија во светски рамки - вели таа.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура