X
 07.05.2018 Образование

Голем успех на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на меѓународен натпревар во Вашингтон

Тројца магистранди и еден докторанд, под менторство на проф. д-р Сашо Георгиевски, ја освоија наградата „Најдобар нов тим“



Тројца магистранди и еден докторанд заедно со проф. д-р Сашо Георгиевски

Тим од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје постигна голем успех на најстариот и најголемиот moot court натпревар по меѓународно јавно право во светот - Philip C. Jessup во Вашингтон. Во конкуренција од рекордни 700 екипи, на финалните натпревари тимот на „Јустинијан Први“ ја освои наградата „Најдобар нов тим за 2018 година“ и се пласира на 73-тото место, односно во првите десетина проценти од најдобрите екипи на завршната ранг-листа, со две победи од четирите остварени натпревари со извонредно силни екипи. Станува збор за натпревар што се организира 59 години и претставува симулација на случај помеѓу две држави пред Меѓународниот суд на правдата.
Успехот им се препишува на тројца магистранди по меѓународно право и односи и право на ЕУ – Симона Шекерова, Андреј Стојковиќ и Дарко Стојаноски и на Љупчо Стојковски, докторанд по меѓународно право. Тие работеа под раководство и менторство на проф. д-р Сашо Георгиевски.


Со овој пласман тимот на Правниот факултет, по оној од Универзитетот од Софија (Бугарија, кој исто така оствари две победи) беше најдобро рангиран универзитет од регионот на Југоисточна Европа, оставајќи ги зад себе екипите на Националниот универзитет „Каподистрија“ од Атина, Универзитетот од Загреб, Универзитетот од Белград, Универзитетот „Хена е Плоте“ од Тирана.
Според пласманот, екипата на Правниот факултет влезе во групата на најдобро рангирани европски тимови, пред оние од многубројни реномирани светски и европски универзитети, на пример, Сиенс По од Париз, Универзитетот од Хелсинки, Карловиот универзитет од Прага, универзитетите од Кјото и од Токио и многу други светски познати универзитети.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование