На последниот испит самата инсистирав да добијам 9-ка поради начинот на испрашување на професорот. Некако ми беше сеедно, ми збоктиса, а тој одеше на кругови и кругови испрашување. Му реков: „Ве молам пишете 9, ако досега не сте уверени дека сум за 10, не сакам 10“, вели професорката од Правен факултет во рубриката што Факултети.мк ја создава во соработка со „Пивара Скопје“
Посветена, фанатична и перфекционистка во студирањето – со овие зборови може да ви доловиме каква студентка била проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје. Професионална и во соработката со нас, се наврати на своите студентски денови во Скопје, но и на деновите на магистерски и докторски студии.
Правниот факултет ѝ бил природен избор, иако посакувала да стане и новинарка. Учела во некогашното „Борис Кидриќ“ (денешно „Васил Антевски-Дрен“), правна насока. Уште тогаш размислувала дали да студира меѓународни односи и политика, ама во тоа време немало такви студии и одењето во Белград или во Загреб било некако далечно. Кокетирала и со идејата за новинарство, а особено ја интересирале политичкото и военото новинарство.
Ристова-Астеруд на апсолвентската вечер со своите колеги
- Оријана Фалачи ми беше инспирација, ми изгледаше многу вонстандарден облик на живот да патуваш по земји и да бидеш во центарот на големи настани, да интервјуираш влијателни или интересни личности, но набргу се откажав кога почнаа да ми стануваат појасни „геополитиката“ и „тајмингот“ на мојот живот, нели, со сите тие случувања што почнаа во Југославија, нејзиното трагично распаѓање, независноста на Македонија, граѓанка на мала земја… А и сфатив дека мајка ми беше во право кога ми кажа дека правото е занает, регулирана професија, а и дека со такви студии можам да бидам сѐ што претходно си замислував. Можеби нема да ви се верува, ама бидејќи од татко ми имав наследено скромен талент и за цртање, учествував и на натпревари по ликовно, па имав и фикс-идеи да бидам модна креаторка - најверојатно тоа естетската вага во мене знаеше да се пројави - се смее професорката.
Жртвувала од сѐ друго, но не и од учењето
Посветена на студиите е мал збор за да се опише каква студентка била Ристова-Астеруд. Висок просек не било доволно во нејзината визија. Предавања, учење во Универзитетската библиотека, дома, па и излегување во град. Не била од оние што биле заинтересирани само за учење, но кога требало да жртвува нешто, жртвувала од сѐ друго, но не и од учењето.
- Денес кога ќе помислам на тоа, некогаш ми е жал што толку сум се потресувала по учењето, толкав труд, време, напор, ама пусти перфекционизам и фанатична темелност. Кога во втората година се активирав и политички, во подмладокот на СДСМ, сето тоа стана многу потешко и покомплицирано. Претходно, дента пред даден испит, јас бев „спремна како пушка“, ќе си отспиев нормално и следниот ден спастрена и свежа - на испит, што беше многу важно бидејќи во тоа време испитите беа усни и можеше да се изначекаш цел ден да ти дојде редот за испрашување. По влезот во политиката не ја спуштив амбицијата за просекот, исто така многу учев, но сето тоа мораше да го жонглирам со политичките ангажмани, кои не беа мали бидејќи тогаш се правеше подмладокот, патувања низ Македонија, а станав и членка на претседателството на партијата - објаснува Ристова-Астеруд.
Имало периоди кога со ноќи не спиела, особено ноќта пред испит. Вели дека буквално „зомбирана“ се појавувала на испит, главата ѝ зуела и си мислела дека ништо не знае, дека од премор не ѝ работи мозокот. Но, на самиот испит добро се концентрирала.
- Иако пред испит си мислев дека откога ќе завршам, ќе одам дома и ќе се срушам в кревет, всушност, не можев. Сум се ставала на тежок адреналин. Брат ми во тој период ме задеваше: „Леле, сестро, само лелекаш дека ништо не знаеш, а се враќаш дома со 10“ - се потсетува професорката.
„Аман, уште ли ќе ја испрашувате?“
Оценките ѝ биле потврда дека најдобро ја завршила работата, вид трка со себеси. Никогаш не преполагала испит. Кога не била задоволна од себе, едноставно ја пропуштала сесијата. Од 30-ина испити, за четири оценки смета дека биле некоректни (по две 9-ки и 8-ки).
- Професорот по опционен предмет не го награди мојот дополнителен напор да набавам и закони од областа во нацрт-фаза, може дури и си мислеше „што ми се прави оваа многу паметна“. Во вториот случај, самата инсистирав на 9-ка поради методологијата на испрашување на професорот. Ми беше последен испит и некако ми беше сеедно, ми збоктиса, а тој одеше на кругови и кругови испрашување, дури и студентската публика почна со „аман, уште ли ќе испрашувате?“ Му реков: „Ве молам пишете 9, ако досега не сте уверени дека сум за 10, не сакам 10“ – категорична е Ристова-Астеруд.
За третата ситуација на 8-ка не сакајќи излегло дека професорката за некои законски одредби знаела помалку од неа, па верува дека најверојатно ѝ ставила 8-ка „по казна“, т.е. од суета што се посрамила пред студентите. Четвртата 8-ка ја добила на писмен испит затоа што „времето за одговарање не било димензионирано со обемот и комплексноста на прашањата и не успеала сѐ да напише“.
Со многу почит гледала и сè уште гледа на своите професори и од сите нив се трудела да „купи“ знаење максимално што може. Посебно го издвојува проф. д-р Миодраг Мицајков зашто тој најмногу ја насочил и охрабрил да размислува за академска кариера уште од прва година. Мицајков ѝ предавал Теорија на државата и правото и иако важел за многу строг професор, крут, дури „страшен“, Ристова-Астеруд ја прифатила понуда упатена до сите студенти да подготват семинарски труд кај него.
- Професорот остави сама да изберам и јас го избрав „Владетелот“ од Макијавели. Подоцна кога се запишав на последипломски студии, тајмингот беше идеален, ми понуди да бидам демонстратор, и така, еве ме сега - професорка на Правен.
Вели дека во тоа време предавањата биле доминантно екс-катедра, повеќе дебатирале на вежбите. На предавањата одела да научи од професор(к)ите и евентуално да постави прашање за нешто да ѝ се појасни или за дополнително знаење.
- Искрено, не ми ни фалело или не ми требало да споделувам ставови за некоја тема. Во таа фаза сум сметала дека треба да учам од тие што знаат повеќе од мене. А најискрено, ако некој професор се замуабетеше за нешто, сметав дека или не му се предава или не се подготвил за предавање. Јас секогаш претпочитав систематизирани и јасно срочени предавања од професорите - признава професорката.
Правев скрипти од кои учеа многу колеги
Фанатичноста во учењето кај Астеруд била проследена со губење апетит, а и нејќела да губи време. Исхраната ѝ се состоела од кафе, мед и цигари.
- Во прва година, брат ми сѐ уште средношколец, седиме сами дома, знам беше некој празник. Тој сериозно исплашен што не јадам, зготвил нешто и вика: „Сестро, те молам дојди да јадеш, ќе умреш вака!“ Во принцип, јас и брат ми бевме како куче и маче, и можете да замислите колку сум го исплашила за да биде толку фин, со насмевка се присетува професорката. Додава дека во НУБ, меѓу редовната клапа што учела таму, ѝ било пренесено дека зборувале: „Ако сакаш да положиш, ќе се водиш по Каролина за кафе/јадење/пуш-паузите – кога оди таа, одиш и ти, кога се враќа да учи, се враќаш и ти! - се смее Ристова-Астеруд.
Од многуте анегдоти таа ни сподели кога поради патување, професор ѝ дозволил да полага на Факултетот за безбедност.
- Тамошните студенти ќе ме отепаа оти „од оваа ненормалнава бубалица од Правен, кај најде сега овде да дојде, ние ќе испадне дека ништо не знаеме“. За некои испити си правев скрипти, т.е. ги прераскажував, и потоа други учеа по нив, оти многу убаво и уредно го систематизирав материјалот дури и за испити од речиси илјада страници. Пред некоја година една моја другарка и колешка ми кажа дека уште „негде дома“ чува некои од моите големи и популарни портокалови тетратки - се потсетува професорката.
Таа вели дека не може да се пожали дека не се забавувала доволно во текот на студиите поради учењето. Најчесто го жртвувала спиењето. Се дружела со колегите, дел од нив ги познавала уште од средно, но повеќето од пријателите ѝ биле од други факултети.
- Со дел од колешките сум подготвувала испити заедно, особено при крај на студиите. Во тој период почнав и повеќе да патувам, особено лете, на летни школи, универзитети, па и од тој период имам баеги багаж на урнебесна забава, богами и на лудории – признава професорката.
Учење на клупи и во тревници – тоа ми фали на УКИМ-кампусот
Ја замоливме да ни сподели нешто и од своето искуство при престојот во Вашингтон, каде што магистрира на Правниот факултет на „Џорџтаун“. Вели дека тоа ѝ било големо животно и професионално искуство. Вашингтон и денес го чувствува како уште еден дом.
- Темпото и напорот беа огромни, меѓутоа, уживав поради условите, а кои на тој факултет се на највисоко ниво, особено во областа на која јас магистрирав (меѓународно и споредбено право како главнина (major), а во помал дел, како minor – јуриспруденција), затоа и беше, чинам, сѐ уште е рангиран како еден од трите најдобри правни факултети во САД во таа област. Можев буквално да спијам во огромната библиотека, ја обожавав и од естетски аспект, па учењето по клупите и тревниците во факултетскиот двор - тоа многу ми фали на нашиот УКИМ-кампус. Кога дојдоа моите да ме посетат таму, прво што забележаа е дека сум „како бајче“, ама тоа е затоа што американскиот менталитет ми е многу близок, дури и пред да се „американизирам“ во многу аспекти со студирањето и живеењето таму, потоа и поради мојот личен и семеен живот – вели Ристова-Астеруд и додава дека таму се уверила дека нејзиниот Правен факултет во Скопје ѝ дал многу солидна подготовка за да се натпреварува со 300 студенти од цел свет.
На магистратура на „Џорџтаун“ со своите родители
- Немаше никаков вакуум во термини, концепти, латински максими и изрази, реторика, писмено и усно аргументирање, правна анализа, сето тоа во услови на поинаков методолошки пристап на учење и испити, како и на странски (англиски) јазик, а јазикот е една од клучните работи во областа на правото. Тоа секогаш со гордост ќе го истакнувам за мојот факултет како моја академска алма матер, но и во однос на севкупното образование што сум го добила во тогашниот наш образовен систем - додава таа.
Магистерските студии на „Џорџтаун“ ги завршила со просек 3,75 од максимални 4 и со највисока почесна дезигнација.
Студентите ги поттикнувам да бидат поамбициозни
На прашањето дали ѝ било тешко по дипломирањето и навлегувањето во професорската работа, одговори дека си мислела дека најтешкото поминало, но не била во право зашто академската кариера подразбирала паралелно работење како и сите други.
- Потоа почнува втората смена, учење огромни испити, па работење магистерски тези (два последователни постдипломски и две магистерски тези), па докторат, па трудови и конференции, па на сето тоа ти се накалемуваат брак и семејство, бременост, бебе, мало дете, па решавање станбени прашања, средување дом, а згора на сѐ, јас и натаму хиперактивна во политиката. Сега кога ќе се свртам назад, некогаш не знам како го преживеав тој период, некаде од 25 до кај 40 години. Мислам дека оттогаш сум станата „вампирка“, малку спијам, дури и кога можам да се наспијам, по правило, спијам од 4 до 6 часа преку недела, евентуално преку викенд повеќе, а и кога ептен имам работа, има и сега случаи, иако поретко, не спијам по два-три дена асолно, особено кога патувам. Секако, најдобро ми е сега, како професорка, што се вели, стабилизирана ми е кариерата. Ако ништо друго, не сум јас таа што полага и полага до бескрај испити, сега други полагаат пред мене - се смее Ристова-Астеруд.
Вели дека кога ја започнала кариерата, меѓу неа и студентите имало мала разлика во годините, но сега е навистина голема и тоа понекогаш ѝ е чудно.
- Не знам дали затоа што од мала бев опкружена со моќ, а потоа и поради ангажманите во политиката, мене никогаш не ме фатил тој синдром „да ти удри моќ во главата“, како што оди приказната за некои од помладите во академијата, барем кај нас. Мислам дека отсекогаш сум имала многу зрел, одговорен и коректен однос во врска со мојата моќ кон студентите, особено акутно свесна за значењето и последиците на оценувањето на знаењето, што знае да биде и многу популарно, но и многу непопуларно. Од искуствата од моите студентски денови, апсолутно внимавам студентите да ги имаат сите неопходни услови, време и шанси за да го покажат своето знаење, особено кога станува збор за писмени испити. Кога ги формулирам прашањата, секогаш методолошки се водам од тоа „што е тоа што треба да им остане во глава до крајот на кариерата“. Ги поттикнувам и ги охрабрувам да бидат поамбициозни во учењето, но и да бидат построги кон себе, дотолку повеќе што имам впечаток дека тенденцијата со (помладите) генерации е да добиваат преодни, но и високи оценки, со далеку помал напор, ангажман и знаење. Тоа придонесува да развијат некаква незаснована претенциозност и умисленост дека многу знаат, а всушност не, а уште повеќе за напорот што треба да го вложуваат во своето себеизградување. Сѐ почесто има и отсуство на самокритика за сопственото (не)знаење - вели професорката.
Проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд во својот кабинет на Правниот факултет
Таа отворено зборува и за студентите што имаат големи амбиции, а сето тоа не им е поткрепено со подготовка, дури и свесност дека се потребни многу труд и работа. Дека не смее да се потпрат на површност, блефирање и да бидат свесни за одговорноста што следува отпосле, какви ефекти нивното (не)знаење може да има врз животите на многу луѓе.
- Неретко им велам на студентите на сите студии на Правен, но особено на студентите на правните студии, да не мислат дека само докторите можат да убијат со нивното незнање, исто може и тие да убијат и да упропастат животи, како и сѐ што им е битно и мило на луѓето во животот.