X
 07.05.2018 Наука

НАСА со нова мисија на Марс


Вчера, во 4:05 часот по локално време, односно во 13:05 по македонско време, од воената воздушна база „Ванденберг“ во Калифорнија, НАСА ја лансира сондата „InSight“ на Марс. Станува збор за прва мисија насочена на истражување на внатрешноста на Марс. Ракетата „Atlas V 401“, која ја пренесе „InSight“ во вселената, со себе понесе и две малечки летала што ќе орбитираат околу Марс.


Сондата „InSight“ на Марс - макета
(Фото: NASA / JPL-CALTECH)


По шестмесечно патување, „InSight“ (чие име е кратенка од Interior Exploration using Seismic Investigations, Geodesy and Heat Transport) на 26 ноември ќе се спушти северно од екваторот на Марс, со што ќе се вклучи во групата од пет летала на НАСА што веќе се наоѓаат на или околу Црвената Планета.

Роботот, тежок 358 килограми, ќе ја почне својата двегодишна мисија за потрага по „отпечатоци од процесот“ кои се одговорни за формирање карпести планети во Сончевиот Систем. Со помош на роботските раце, долги 2,4 метри, ќе постави сеизмометри на површината на Марс што ќе го мерат тоа што научниците на НАСА го нарекуваат „витални знаци“ на планетите: пулс, односно сеизмолошки податоци, температура и рефлекси, што е еуфемизам за попрецизно следење на промените.

„Со тоа што сеизмичките бранови патуваат низ Марс, патуваат и низ различни карпи и на тој начин собираат информации“, објаснил д-р Брус Банерт, главниот истражувач на „InSight“. „Од сите оние линии што ги гледате на сеизмограмите – научниците знаат да извлечат податоци“. „InSight“ ќе продупчи 3 или 4,5 метри под површината на Марс, што е 15 пати подлабоко во споредба со претходната мисија.

Последен пат НАСА пратила сеизмометри на Марс во седумдесеттите години на минатиот век. Тогаш инструментите не успеале да забележат вибрации бидејќи биле погрешно позиционирани. За разлика од таа мисија, „InSight“ ќе постави сеизмометри токму на површината на Марс. Сондата ќе ја мери енергијата што доаѓа од внатрешноста.

Се проценува дека ќе детектира неколку десетици помали потреси, чии магнитуди се помали од 3. Но, и тоа на научниците ќе им даде доволно информации за внатрешноста на планетата. Исто така, сондата на „InSight“ за мерење топлина ќе се вкопа 5 метри под површината за да може да измери колку енергија се наоѓа во внатрешноста на планетата и колку таа може да влијае врз промените на површината.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука