X
 07.06.2022 Живот

Препукувања во вселената: Германците го „исклучија“ вселенскиот телескоп, Русите сакаат да го лансираат

Покрај соработката со многу земји на проектот за Меѓународната вселенска станица и со Eвропската вселенска агенција, руската вселенска агенција „Роскосмос“, меѓу другото, активно соработуваше и со германскиот Институт за вонземна физика „Макс Планк“. Во јули 2019 година тие заеднички ја лансираа вселенската опсерваторија „Спектр-Ар-џи“, која се состои од рускиот телескоп „АРТ-Екс-си“ и германскиот вселенски рендген-телескоп „еРОСИТА“.

Вториот, како одговор на руската инвазија на Украина, беше отстранет од функцијата на 26 февруари оваа година. Така решија од институтот „Планк“ - да се приклучат кон осудата на инвазијата и западните санкции против Русија. Сепак, тоа воопшто не му се допадна на „Роскосмос“, па нивниот контроверзен шеф Димитриј Рогозин викендов изјави дека наредил лансирање на „еРОСИТА“ - без германска дозвола.

Рогозин сака германскиот дел од телескопот во системот „Спектр-Ар-џи“ да продолжи да работи заедно со рускиот дел, па нивните специјалисти ќе продолжат да работат на рестартирање на овој дел од телескопот. Рогозин изјави и дека луѓето што решиле да го исклучат телескопот немаат морално право да го сторат тоа. Од германска страна доаѓаат различни пораки. Тие посочуваат дека едностраното вклучување на опремата може да биде погубно за телескопот, односно дека може неповратно да се оштети доколку Германците не дозволат повторно да се стави во функција.

vselena
Фото: JohannesBuchner, Wikimedia

Вселенскиот телескоп „eРОСИТА“ е наменет да создаде целосна мапа на небото во спектарот на рендгенски зраци, која се очекува да сними 100.000 галаксички јата, 3 милиони активни галактички јадра и 700.000 ѕвезди на Млечниот Пат. Со следење на движењето на сите овие објекти, крајната цел е да се создаде еден вид мапа на темната материја. Првото снимање на целото видливо небо беше завршено во јуни 2020 година, а од планираните вкупно осум такви снимки, четири беа направени пред да се исклучи инструментот во февруари. Во Германија продолжи анализата на досега собраните податоци.

Извор: Bug.hr
Фото: German Aerospace Center
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот