Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, ја брани одлуката да им се дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат на Олимпијадата во Париз во 2024 година како неутрални.
- Спортистите не можат да бидат казнети за постапките на нивните влади - рече тој за Би-би-си во врска со одлуката на комитетот да им дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат на Олимпијадата во Париз и покрај тоа што Русија е во војна со Украина.
- Тоа е една војна од 28 војни и конфликти што се водат во овој свет и сите други спортисти мирно се натпреваруваат едни против други - додава тој.
Комитетот минатата недела објави дека на некои спортисти од Русија и нејзиниот сојузник Белорусија кои се квалификувале за Летните игри во Париз ќе им биде дозволено да се натпреваруваат без знамињата, амблемите или химните на нивните земји.
На спортистите претходно им беше забрането да се натпреваруваат на Олимпијадата, а забраната останува во сила за руските и белоруските екипни спортски тимови. Сепак, спортистите и нивните тренери и членовите на стручните штабови кои активно ја поддржуваат руската инвазија на Украина се изземени од одлуката.
Некои спортисти во Русија веќе го изразија своето незадоволство од условите и најавија дека нема да учествуваат на Олимписките игри во Париз. Иако некои земји, како Украина, Америка и Велика Британија, бараа да им се забрани учеството на Русија и Белорусија, огромното мнозинство од другите спортски федерации беа со спротивно мислење.
Украина претходно најави дека ќе ги бојкотира Игрите во Париз доколку им се дозволи на Русите да се натпреваруваат, а украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека руските спортисти не можат да се кријат зад некоја лажна неутралност. Бах ги отфрли заканите за бојкот велејќи дека на земјите што не се согласуваат, дозволено им е да имаат различни политички мислења.
Рускиот претседател Владимир Путин на традиционалната годишна прес-конференција не одговори дали спортистите од Русија ќе одат на Игрите во Париз. Тој само одговори дека Русите треба да учествуваат на спортски настани, но без никакви ограничувања.
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Pixabay