X
 07.07.2018 Живот

Земјата гори

Од вообичаено благите летни клими во Ирска, Шкотска и во Канада, до жешкиот Блиски Исток, голем број локации на северната хемисфера во текот на изминатиот период беа сведоци на највисоките температури досега.

Од Канада пристигаа вести дека жештините се виновни за најмалку 33 смртни случаи во јужниот дел од Квебек, претежно во и околу Монтреал, каде што беа забележани рекордно високи температури.

Во Северен Сибир, по должината на брегот на Северен Леден Океан, каде што набљудувањата на времето се оскудни, модел-анализите покажуваат дека температурата се искачила 22 Целзиусови степени над нормалата, на 5 јули, на 32 степени.

Ниеден запис, одделно, не може да се каже дека е поради глобалното затоплување. Но, колективно, овие записи се совпаѓаат со видот на екстреми кои се очекува да ги видиме како се зголемуваат во светот кој се затоплува.

Ајде да направиме една тура околу светот и да видиме какви биле температурите.

Европа

Претераните жештини ги запалија британските острови минатата недела. Задушливата жештина предизвика топење на патиштата и на покривите и резултира со неколку рекордно високи температури.

Во Мотервел, во близина на Глазгов, на 28 јуни биле забележани 33,2 степени, со што е соборен претходниот рекорд во Шкотска од 32,9 степени од 2003 година.

Во Ирска на 28 јуни во Шанон беа забележани 32 степени, што е рекорд за таму.

Кога станува збор за Северна Ирска, пак, исто на 28 јуни во Белфаст беа измерени рекордни 29,5 степени, а во Каслдерг еден ден подоцна беа измерени рекордни 30,1 степени.



Евроазија

Во Тбилиси, Грузија, на 4 јули беа измерени 40,5 Целзиусови степени, што е апсолутен рекорд.

На 2 јули во Ереван, Ерменија, беа измерени 42 степени, што е рекорд за јули.

На неколку локации во Јужна Русија на 28 јуни беа измерени највисоки температури или температури што се совпаѓаат со највисоките што некогаш биле измерени во јуни.

Блиски Исток

Веќе знаеме дека во оманскиот град Куријат неодамна беше регистрирана највисоката ноќна температура во историјата, рекордни 42,6 Целзиусови степени.
 
Во април во Пакистан беше забележана највисоката температура за април некогаш забележана на Земјата. Тогаш беа измерени 50,2 степени.

Северна Америка

На 28 јуни во Денвер беше забележана рекордно висока температура од 40,5 степени.

На 2 јули во Берлингтон, Вермонт, беше регистрирана највисоката ноќна температура од 26,6 степени.

На истиот датум во Монтреал беа измерени 36,6 степени, што е највисока температура некогаш забележана во последните 147 години.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот