Целото население, вклучувајќи ги и здравите лица или оние кои имаат некој здравствен проблем или терапија, се подложни на топлотен удар или реакции на тропските температури. Услов за тоа дури и не мора да биде директно изложување на сонце - доволно е и самото чувство на присуство на жештина. Меѓутоа, животот тече и кога има високи температури, па така многумина се приморани да седнат и зад воланот, што носи и дополнителни ризици.
Српскиот лекар Лука Вукмировиќ има неколку совети за тие луѓе.
Правило број 1: Рехидратација на организмот
-Кога се рушат температурните рекорди, внесувањето на доволно вода во организмот е уште поактуелно ако седите зад волан. Многу луѓе пијат вода дури кога ќе почувствуваат дека се жедни, а тоа е знак дека веќе дехидрирале. Високите температури предизвикуваат потење, уште побрз процес на исфрлање на вода од организмот, и за возачите е практично најважно постојатно и „однапред“ да внесуваат вода и никако да не чекаат да почувствуваат жед. Исто така е важно да се нагласи дека е најдобро да се пие обична, чиста вода. Без оглед дали станува збор за подолги или пократки релации, додека траат жештините, секогаш со себе треба да се има шишенце вода - вели лекарот за „еКлиника“ и додава дека ако за време на возењето испиете кафе или некој енергетски пијалак, уште побрзо ќе почувствувате жед бидејќи тие пијалаци дејствуваат како диуретици.
Задолжително појадувајте, мозокот „работи“ на глукоза
Жешко е, многумина немаат апетит, па зад воланот знаат да седнат и со празен желудник.
-Ова е многу опасно затоа што жештината го намалува крвниот притисок, а ако не јадете, во организмот преку храна нема да ја внесете ни неопходната количина на шеќер која оди во централниот нервен систем и која му е потребна на мозокот за да функционира. Појадокот треба да е задолжителен и нормален за телото да ги добие сите хранливи состојки. Секако, не треба да се јадат јаткасти плодови, висококалорична или мрсна храна, но не треба ни да се штеди - советува лекарот и напоменува дека избегнувањето на оброкот е ризично, пред сè поради можно онесвестување.
Тој потсетува и дека несвестицата или чувството дека ви се врти во глава може да бидат моментално и да траат две или три секунди, но кога се вози тоа е повеќе од доволно за да биде кобно. И појадокот и доволното количество на вода се задолжителни за возачите на градскиот превоз, кои се под уште поголем притисок и стрес поради гужвите, повеќе се потат и директно се изложени на уште повисоки температури, особено во постарите возила кои се посклони кон дополнително загревање.
Треперењето и тресењето на рацете се знак дека треба да застанете
Ако некој и инаку има низок притисок, добро е да си носи шишенце кисела вода што содржи електролити и минерали, кои моментално можат значително да помогнат во кревањето на притисокот. Сепак, таа не е замена за обична вода и не рехидрира, вели Вукмировиќ и додава дека таа количина не треба да се меша со онаа која се внесува со цел спречување на дехидратацијата.
Доколку возачот не се чувствува добро, мачно му е, трепери или му се тресат рацете - што е и прв знак за задолжително запирање на возилото - добро е да има некоја мала чоколада бидејќи најверојатно му паднал шеќерот. Лекарот вели дека тоа важи и за дијабетичарите кои се на инсулин и дека ако дошло до хипогликемија, чоколадата ќе помогне. Ако не, нема да наштети, а ќе влијае за стабилизација на состојбата.
Мора да сте добро наспиени, а климата се препорачува само со адаптација на разликата во температурата
Поради тоа што е топло навечер и полошо спиеме, многумина не се одморени и доволно наспиени, а возат и може да ги загрозат и оние кои ги возат и другите учесници во сообраќајот. За некои климата е спас, додека другите не ја поднесуваат.
-Кога има високи температури во возилото не е можно да се издржи без вклучување на клима и тоа е во ред, под услов при влегувањето и излегувањето од автомобилот малку да се почека и да се води сметка за температурната разлика. Разумната разлика би требало да биде десетина степени, но тоа е незначајно кога надвор има речиси 40 степени. Да кажеме дека климата во автомобилот не би требало да оди под 22 степени - вели Вукмировиќ и ја нагласува важноста на честото проветрување на автомобилот - како поради изедначување на температурата, така и поради спречување на ширењето вируси и бактерии чии расадници се клима-уредите.
Докторот препорачува и носење очила за да се неутрализира ефектот на бела светлина и директното влијание на Сонцето.
Лицата кои пијат лекови да го избегнуваат возењето во жештини
Според Вукмировиќ, пациентите кои имаат редовна терапија за хипертензија, преку летото би требало со консултација на лекар детално да си ја проверат состојбата и да ја коригираат терапијата за да не дојде до претеран пад на притисокот.
-Лицата кои имаат потешкотии со менталното здравје и пијат антидепресиви или антипсихотици не би требало да ја прескокнуваат терапијата, а многумина, за да го избегнат ефектот на успивање зад воланот, го прават токму тоа, што е опасно - вели лекарот и наведува дека за нив е подобро воопшто да не возат и да најдат алтернативно решение.
За нив, како што вели тој, не е добро ни да бидат надвор во најголемите жештини, а не па да управуваат со возило. Вукмировиќ напоменува дека возењето во услови на тропски температури не е добро ни за жените кои имаат обилна менструација бидејќи доаѓа до ширење на крвните садови и зајакнати крварења, па лицата кои се анемични може да бидат изложени на состојби на малаксаност и несвестица.
Извор:
eklinika.rs
Фото: Unsplash