Уште откако беше претставен „Бард“, првиот чет-бот за вештачка интелигенција на „Гугл“, се шпекулираше дали неговата надградба ќе го вклучува јазичниот модел наречен „Џеминај“ (Gemini). Лансирањето на „Џеминај“ беше одложувано повеќепати, а сега оваа алатка е интегрирана во „Бард“, барем за американскиот пазар.
„Џеминај“ е конкуренција на моделот „ГПТ-5“ на компанијата „Опен АИ“, кој е вклучен во платената верзија на алатката „Чет-ГПТ“. Според „Гугл“, „Џеминај“ е значително подобар од неговата популарна конкуренција во некои задачи.
„Бард“ сега е мултимоделен, што значи дека може да работи со фотографии, звук, текст, видео и разбира и пишува програмски јазици. Од компанијата велат дека направиле повеќе анонимни тестирања во кои „Бард“ добил највисоки оцени во споредба со другите алатки на пазарот. Новиот модел би требало да биде поточен во одговорите без разлика во каков режим работи, но и да го разбира контекстот слично како и луѓето.
Јазичниот модел „Џеминај“ доаѓа во неколку верзии. Основната верзија е достапна бесплатно во „Бард“, иако засега само во САД. Најмалиот модел („Нано“), ќе биде интегриран во телефонот „пиксел 8 про“, додека верзијата „Ултра“ ќе биде надградба на постојниот модел „про“. Освен тоа, „Џеминај про“ за професионалците и програмерите ќе биде достапен од 13 декември.
Од „Гугл“ најавуваат дека ќе продолжат да интегрираат модели на вештачка интелигенција во своите услуги, како огласите, прелистувачот итн. „Бард“ е достапен на англиски јазик во повеќе од 170 пазари, меѓу кои не се земјите од ЕУ и Обединетото Кралство поради правни причини.
Извор:
Bug
Насловна фотографија:
Google