X
 14.08.2019 Технологија

Збогум, лозинки!

Во одредени услуги на „Гугл“ на оперативниот систем „Андроид“ ќе можеме да влегуваме користејќи го пребарувачот „Хром“ и отпечаток од прст наместо со лозинка.

Новата функција засега е достапна само за одредени модели на паметни телефони, но во текот на следните неколку дена би требало да стане достапна за сите смартфони што имаат оперативен систем „Андроид 7“ или некое поново издание. Исто така, се овозможува логирање со користење на која било друга метода за отклучување на вашиот уред, вклучувајќи ги тука и ПИН-овите и шемите.

На паметните телефони со овој оперативен систем веќе можете да го користите отпечатокот од прст за потврдување трансакции во рамките на „Гугл Пеј“, како и за логирање во апликации. Отсега истиот отпечаток ќе може да се користи и за логирање во веб-сервисите на „Гугл“ преку пребарувачот „Хром“.

Засега тоа е можно само за преглед и промена на лозинките што од „Гугл“ ги зачувале за вас на passwords.google.com, но во компанијата планираат во иднина да опфатат повеќе услуги, меѓу кои и оние во облаците.  

Избегнувањето на лозинките не само што е попрактично (затоа што веќе не мора да паметите) туку е и побезбедно. Клучните податоци за логирање се собрани локално на вашиот уред, па не може да се хакираат на веб-порталите. Воедно е практично невозможно до нив да се дојде со измама или т.н. рибарење.

Ако имате компатибилен уред, можете уште сега да ја испробате новата функција. Отворете го „Хромот“, па одете на passwords.google.com. Ако одите на која било лозинка, „Гугл“ од вас ќе побара да докажете дека сте вие, а тоа ќе можете да го направите со отпечаток од прст или со друг начин на заклучување на смартфонот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија