X
 08.05.2019 Живот

Италијански град продава прекрасни стари куќи за 1 евро. Условот е да ги реновирате

Италијанскиот град Мусомели на југот на Сицилија во онлајн-продажба нуди напуштени градски недвижности за 1 евро. Засега се понудени 100 куќи, а се планираат уште 400. Некои куќи се многу мали, но имаат прекрасен поглед. Мусомели е сместен на рид, околу два часа јужно од Палермо, има византиска пештера, средновековен замок и многу древни цркви.

Овој историски град има многу улици и само 11.000 жители. Во последниве години, во потрага по работа, жителите полека го напуштиле и се преселиле во поголемите градови во Италија. На куќите што ги продава власта е поставен знак со линк до веб-страницата каде што се огласени. Секој што ќе купи куќа, ќе мора да ја реновира во рок од три години или ќе го изгуби депозитот што изнесува околу 7.000 евра.

Реновирањето на куќата би чинело околу 100 евра за квадрат, плус административни трошоци од 3.600 до 5.800 евра. Локалните архитекти и инженери се тука за да им помогнат на купувачите, но купувачите можат и сами да изберат други експерти.

Минатата година градот Ололај, сместен во планинската област Барбагија во Сардинија, понуди 200 напуштени камени куќи за 1 евро. Популацијата на ова гратче била преполовена во последните три децении. Останале само 1.300 луѓе на средовечна возраст, главно парови без деца. Секоја година се раѓаат многу малку деца, а градоначалникот на Ололај одлучил да го спречи понатамошното намалување на бројот на жители нудејќи домови за 1 евро. И тука купувачот мора да се обврзи дека ќе ја реновира куќата во рок од 3 години, со просечен трошок од 30.000 евра.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот