Иако имал најдобра намера и желба да им помогне на жителите на Њу Орлеанс кои изгубиле сѐ во ураганот Катрина, Бред Пит сега се најде на суд бидејќи евтините куќи што им ги изградил почнале да се распаѓаат, а во некои од нив биле пронајдени отровни материјали.
Преку неговата фондација „Мејк ит рајт“, Бред Пит финансираше изградба на 109 куќи по разорната бура што го уништи Њу Орлеанс во 2005 година. Но, целиот негов проект сега се распаѓа бидејќи голем дел од изградените куќи имаат многу недостатоци - полни се со мувла, има термити, дрвото почна да скапува...
Најмалку шест куќи се целосно напуштени, некои се реновираат, некои луѓето ги „крпат“, а многу станари бараа правда на суд против Бред Пит и неговата непрофитна организација.
Поради недостатоци во градежништвото, многу станари стравуваат за сопственото здравје и ја обвинуваат фондацијата дека им врти грб на оние што треба да им помогне. Проблемите почнале во 2018 година, кога станарите се обиделе да го убедат градскиот совет на Њу Орлеанс да ѝ нареди на инспекцијата да ги прегледа куќите.
Фото: William Widmer/NBC News
Сите куќи се изградени во стариот дел на градот, каде што отсекогаш главно живееле Афроамериканци. „Лоуер најнт ворд“, како што се нарекува оваа област, е населена претежно со сиромашни жители со ниски приходи и се очекуваше да бидат пресреќни што ќе можат да живеат во новите домови изградени помеѓу 2008 и 2015 година.
Овие куќи требаше да бидат различни од самиот почеток. Имено, архитектите што ги дизајнирале ги направиле еколошки и одржливи, па сите имаат соларни панели за греење и ладење. За нив се потрошени 26,8 милиони долари, а планот бил да има вкупно 150, како и да се продадат по цена од 150.000 долари, што е многу под реалната пазарна вредност.
Во исто време планот беше да се рестартира целото маало. Повеќето од куќите не се стари повеќе од 10 години и само шест од нив се во оригинална состојба. Иако некои од овие згради немаат ни десет години, податоците покажуваат дека само шест од нив се во повеќе или помалку добра состојба. Повеќето од нив беа или делумно поправени или беа целосно реновирани поради структурни недостатоци. Две беа урнати поради сериозни проблеми кога се појави мувла.
Од почетокот на 2022 година шест куќи се иселени поради мувла, гниење, поплави и други проблеми. Хана, млада станарка на која ова ѝ е прва куќа во животот, морала да се исели, а нејзината куќа на крајот била урната. Само осум месеци по вселувањето, Хана вели дека нејзината куќа е урната. Рамниот покрив не можел да ги издржи обилните дождови, поради што водата навлегла во куќата, па следувала инвазија од термити и мувла, поради што Хана имала здравствени проблеми.
Многу станари имале слични проблеми и живеат во постојана неизвесност не знаејќи колку долго нивната куќа ќе издржи, дали биле изложени на токсични материи и дали тоа ќе влијае врз нивното здравје, а да не зборуваме за финансиските трошоци.
William Widmer/NBC News
Дали и колку Бред Пит е виновен за фијаското?
Бред Пит, кој ја започна оваа организација во 2007 година, служеше како препознатливо лице на целиот проект во следните години, а во 2018 година сè уште беше наведен како член на одборот. Адвокатите на Пит, сепак, тврдеа дека тој не може да биде обвинет за неуспехот во изградбата, но судот во 2019 година одлучи дека Пит сепак е одговорен бидејќи тој е основач на фондацијата и еден од нејзините главни финансиери.
Кога фондацијата одби да им помогне на станарите, неколку од нив поднесоа тужби, а судските процеси и понатаму траат. Некои станари, пак, ги обвинуваат локалните власти.
- Имаме проблеми и со градот бидејќи тие што требаше да ги прегледаат куќите и да утврдат дали сте безбедни, не го направија тоа - вели еден станар.
Фондацијата „Мејк ит рајт“ ги пресели своите канцеларии, престана да одговара на е-пошта и повици од станарите, а потоа беше затворена и од 2018 година не поднесува извештаи ниту до даночната управа.
Локалните медиуми пишуваат дека фондацијата им должи пари на банките, но и на вработените. Во еден момент ги тужеа своите извршни директори и главни архитекти дека не ја завршиле добро работата. Се покажа дека имаат сличен проект во Канзас Сити, каде што купиле само парцели и почнале да се подготвуваат за изградба, но не мрднале подалеку од тоа.
Фото: William Widmer/NBC News