X
 08.06.2026 Наша тема

Градинките поскапија, но процените се дека престојот на едно дете во државна градинка чини 18.000 денари, а родителите плаќаат само 15 отсто

Родителите на децата што се згрижени во државните градинки во Скопје и низ земјава веќе ги платија сметките со зголемени цени за месечниот престој на нивните деца.

Меѓу последните општини што одлучија да ги зголемат цените за престојот во градинките беше Општина Центар, каде што Советот донесе одлука на крајот од април цената за месечен престој да се зголеми за 47,6 проценти или за 710 денари.

Од градинките испратија известување до родителите дека наместо 1.490 денари месечно за градинка, ќе се плаќа по 2.200 денари, а оние родители што нема да го прифатат поскапувањето ќе треба да ги отпишат децата од градинка.

Советот на Општина Центар ја донесе оваа одлука со мнозинство гласови иако некои советници сметаа дека парите што се одвојуваат за градинка треба да бидат поголеми, но тоа да не падне на товар на родителите, особено не на оние што имаат по две деца и со одлуката ќе плаќаат по 4.400 денари наместо по 3.000 денари.

Во некои од скопските општини претходно беше зголемена цената на градинките, па наместо 1.490 денари, родителите плаќаат по 2.000 денари. Но, во Општина Гази Баба, родителите кои потпишаа анекс на договорите за градинка забележаа дека отсуството на детето од градинка во период од еден месец, исто така, ќе се плаќа прилично скапо, односно 1.700 денари. Популарното „чување креветче“ на дете кое не посетува градинка во летниот период на одмори кога во градинките се формираат неколку заеднички групи на деца од различни возрасти чинеше 500 денари, а сега ќе чини 1.700 денари.



На крајот од 2025 година поскапи партиципацијата за градинките во Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Вевчани, Прилеп и уште десетина други општини.
Во просек, цената се зголеми за 34 отсто, односно од 1.490 на 2.000 денари или за 500 денари по дете.

На социјалните мрежи, но и во групите на „Вибер“ и „Вацап“ каде што најчесто комуницираат со наставниците и воспитувачите на нивните деца, родителите реагираа на ваквото поскапување не затоа што не беше потребно да се случи, туку затоа што повремено имаат и дополнителни трошоци, односно од нив се бара да купат и средства за хигиена, влажни марамчиња, хартиени бришачи и слично, што месечно чини од 300 до 500 денари за дете.

Образложението на речиси сите локални власти каде што се покачи цената е дека тоа било поради зголемените трошоци за живот и растот на просечната плата, како и фактот дека цената не се коригирала со години.

И првото и второто образложение се точни, но доаѓаат во време кога родителите едвај врзуваат крај со крај поради зголемената инфлација.
Иако партиципацијата расте, родителите и понатаму покриваат од 10 до 15 отсто од вкупните трошоци, додека преостанатите средства се покриваат од државниот буџет. Процените се дека престојот на едно дете во државна градинка чини 18.000 денари.

Во приватните градинки престојот чини од 18.000 до 24.000 денари и затоа тие преку Асоцијацијата „Полет“ лани предложија државата да го субвенционира престојот на децата со по 250 евра за да се згрижат во приватните градинки повеќе од 1.200 дечиња кои се на листите за чекање за упис во државните градинки во државава.



Листите на чекање се долги, но предничат општините на територијата на Град Скопје, како Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Гази Баба. Надвор од Скопје листите на чекање за упис се најдолги во Битола, Куманово, Струга, Охрид и Гостивар.

Бројот на деца што чекаат упис треба да се намали затоа што во многу општини е започната изградба на нови градинки, во Чаир, Могила, Делчево, Желино, Долнени, Карпош, Валандово, Зелениково, Брвеница.

Општините аплицираа за кредит од Владата со проекти за изградба на нови градинки во Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел и Карпош, кои се веќе завршени. Нови градинки наскоро ќе се изградат во Петровец, Инџиково, Ѓорче Петров, Карпош и Чашка.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Наша тема