Верица Ѓорѓиева беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Таа е најдобар студент на Градежниот факултет во Скопје, а признанието е резултат на повеќегодишна посветеност, дисциплина и искрена љубов кон тоа што го изучувала.
- Во текот на студиите се трудев секоја обврска да ја извршувам одговорно и темелно, не водејќи се од оценките, туку од желбата навистина да ја разберам материјата и постојано да се надградувам со нови знаења. Да се биде меѓу најдобрите студенти во Македонија претставува голема чест, но и одговорност. Ова признание го доживувам како потврда дека сум на вистинскиот пат кон она што го сакам, но и како поттик да продолжам понатаму да учам, да се усовршувам и да придонесувам во професијата - вели Верица за „Факултети“.
Во нејзиното потесно семејство никој не се занимава со градежништво, но бидејќи отсекогаш ја привлекувале математиката, физиката и нивната практична примена, интересот за градбите ѝ се јавил уште на десетгодишна возраст.
-Тогаш не знаев дека професијата што ја замислував, всушност, е градежништвото, но знаев точно да ја опишам. Интересно е што многу луѓе не прават разлика меѓу градежно инженерство и архитектура, па кога бев мала често ми велеа дека професијата што ја опишувам е архитект. Подоцна сфатив дека она што навистина ме привлекува е градежништвото - открива таа.
Верица смета дека Градежниот факултет не е тежок во смисла на разбирање на материјата за оние што навистина ја сакаат оваа професија.
- Секако, постојат предмети кои бараат поголема посветеност, континуирана работа и аналитичко размислување, но токму тие ми беа најинтересни. Предметот Армиран бетон ми побуди најголем интерес и беше клучен за да се пронајдам и да се насочам кон областа во која сакам понатаму професионално да се надградувам. Сепак, би ги издвоила и другите предмети од областа на конструктивното инженерство, особено анализата и проектирањето на конструкции. Токму преку проектирањето најдиректно се согледува примената на инженерското знаење во реални проекти, што за мене претставуваше најголема мотивација и инспирација во текот на студирањето - коментира Верица.
Најдобрата студентка го сподели и своето искуство со професорите и асистентите на Градежниот факултет, кој според неа е ретка можност за студентите да студираат во позитивна академска средина.
-Професорите и асистентите на Градежниот факултет во Скопје секогаш беа достапни за нас студентите, подготвени да помогнат, да одговорат на прашања и да нѐ насочат кога ќе се соочиме со предизвици. Покрај пренесувањето на знаењето, тие беа и мотиватори кои нѐ охрабруваа да го дадеме својот максимум. Особено го ценам нивниот труд да нѐ научат навистина да ја разбереме материјата, имајќи предвид дека станува збор за многу одговорна професија од која зависат безбедноста и квалитетот на животот на сите нас. Моето искуство со професорите и асистентите беше уште поблиско бидејќи во текот на студиите бев ангажирана и како демонстратор на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции. Тоа ми овозможи од друга перспектива да ја видам посветеноста на наставниот кадар и нивната подготвеност да работат со студентите - сподели Верица.
Таа во моментов е запишана на магистерски студии на Градежниот факултет во Белград. Верува дека континуираното образование е неопходно за секој инженер кој сака да напредува и да биде во чекор со современите трендови и технологии. Магистерските студии ги гледа како природно продолжение на образованието и можност дополнително да ги продлабочи знаењата во областа која најмногу ја интересира.
Со оглед на градежната експанзија во Македонија, Верица верува дека има услови да се развива еден градежен инженер во Македонија.
- Сметам дека Македонија нуди добри можности за развој на градежните инженери, особено во период кога се реализираат многу инфраструктурни проекти. Сепак, важно е младите инженери постојано да инвестираат во своето знаење и практични вештини. Себеси се гледам како инженер кој ќе учествува во проектирање и реализација на значајни објекти, применувајќи современи инженерски решенија и придонесувајќи за поквалитетна, побезбедна и поодржлива средина - вели Верица.
Запрашана на каков објект би сакала да стои нејзиниот потпис, Верица откри дека најголема фасцинација ѝ се мостовите.
- Би сакала мојот потпис да стои на значаен инфраструктурен објект, особено на мост. Мостовите отсекогаш ме фасцинирале и токму тие беа една од причините поради кои го избрав Градежниот факултет – конструктивна насока. За мене, тие претставуваат еден од најголемите инженерски предизвици и симбол на поврзување – не само на простори, туку и на луѓе, идеи и можности. Би била особено горда да учествувам во создавање објект кој ќе остане препознатлив и корисен за многу генерации - додаде Верица.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.