X
 08.10.2024 Култура

Почина писателот Михаил Ренџов

Денеска, на 88-годишна возраст, почина македонскиот поет, прозаист и преведувач Михаил Ренџов.

Михаил Ренџов е роден на 25 август 1936 година во Штип. Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Тој беше член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Добитник е на многу награди, меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата Нерези (1982), „Григор Прличев“ за поемата „Тој“ (1993), „Ацо Шопов“ за книгата Јас Оксиморон (1999), „Рациново признание“ за книгата Захариј и други раскази (2004), „Григор Прличев“ за поемата Предвесница (2009), „Браќа Миладиновци“ за книгата Јас. Елегии (2017).

Во продолжение можете да ја прочитате неговата „Се враќав дома“.

СЕ ВРАЌАВ ДОМА

Се враќав дома
По пат од раскопки и чакал
A пo мене се враќаа
Моите Ситни Нешта:
Камчето со кое некогаш ме удрија
Капката крв што ми потече од носот
Плодовите што ноќе ги крадев
Шумата во која
Птицата ми се сокри
(По некоја заборавена песна)
Гревовите што ги правев
Бранејќи се себе
Ангелот што го заборавив
Карајќи се со пријателите
И животот што го испуштив
Зјапнат во којзнае што
И којзнае каде.
Една ноќ
Сите мои Ситни Нешта
Беа дома
Сал мене ме немаше.
Сум се изгубил, велат
Зјапнат во којзнае што
И којзнае каде.

Фото: СВП

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура