X
 09.01.2019 Наука

Периодниот систем на елементите полни 150 години

Периодниот систем на елементите го има во речиси секоја хемиска лабораторија. За неговото создавање е виновен Димитриј Менделеев, руски хемичар, кој во 1869 година ги напишал познатите елементи (кои тогаш биле 63 на број) на картички и потоа ги наредил во колони и редови според нивните хемиски и физички карактеристики. За да ја прослават 150-годишнината од овој значаен момент во науката, Обединетите нации ја прогласија 2019 година за Меѓународна година на Периодниот систем на елементите.

Но, почетоците на Периодниот систем на елементите не се со Менделеев. Многумина се занимавале со подредување на елементите. Децении претходно хемичарот Џон Далтон се обидел да направи табела, како и некои интересни симболи за елементите.

Верзијата на Далтон
Фото: The Conversation

И само неколку години пред Менделеев да ги направи картичките, Џон Њулендс исто така направил табела на која ги подредил елементите според нивните карактеристики.

Генијалноста на Менделеев била во она што го изоставил од табелата. Тој препознал дека некои елементи недостигаат и допрва треба да бидат откриени. Па, таму каде што Далтон, Њулендс и другите го впишале она што било познато, Менделеев оставил место за непознатото. Што е уште поневеројатно, тој точно ги предвидел карактеристиките на елементите што недостигале.

Верзијата на Менделеев
Фото: The Conversation

Погледнете ја фотографијата. На неа може да се забележат прашалници. На пример, до знакот за алуминиум има место за непознат метал. Менделеев прорекол дека тој ќе има атомска маса од 68.

На прв поглед табелата на Менделеев не личи многу на онаа што сме навикнати да ја гледаме. Модерната табела има многу елементи за кои Менделеев не оставил место, а најмногу паѓаат в очи благородните гасови. И табелата е поинаку ориентирана за разлика од модерната верзија.

Сепак, штом ќе ја свртите табелата на Менделеев за 90 степени, сличноста со модерната верзија станува очигледна.

Модерната верзија на Периодниот систем
Фото: The Conversation

Но, има и други интересни дизајни. Особено интересен пример е спиралата на Хајнрих Баумхауер од 1870 година, каде што водородот е во центарот, а елементите со поголема атомска маса се наредени во спирала нанадвор. Тука е и чудната верзија на Хенри Басет од 1892 година.

Верзијата на Хенри Басет
Фото: chem.msu.ru (screenshot)

Сепак, кон почетокот на 20 век Периодниот систем го добива познатиот хоризонтален формат со модерната верзија на Хајнрих Вернер од 1905 година. Првпат благородните гасови се појавуваат на нивната позиција на десната страна. Вернер го копирал Менделеев со оставање празни места.

Иако табелата имала модерен изглед, сепак, требало уште малку да се доуреди. Особено влијателна била верзијата на Шарл Жане. Модерната табела всушност е директна еволуција на верзијата на Жане.

Табелата на Шарл Жане
Фото: The Conversation
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука