X
 09.07.2019 Култура

Скулптура на богот Дионис со пантер откриена на Стоби

Мермерна скулптура со претстава на богот Дионис е откриена минатата седмица на археолошкиот локалитет Стоби. Kако што информираат од НУ „Стоби“, исклучителното откритие е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.

Скулптурата, која најверојатно била изработена во 2 до 3 век од н.е., е сочувана во височина од околу 50 см. Откриена е во секундарен контекст, односно во остатоците од урнат ѕид од куќа од шестиот век, каде што била употребена како градежен материјал. Токму поради тоа, недостигаат главата, десната рака и постаментот со стапалата. Со оглед на тоа што во шестиот век христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал.

Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка), икантаросот (пехарот) со вино.
Инаку, ова не е прва мермерна скулптура на Дионис на Стоби. Во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи, посочуваат од НУ „Стоби“.

Интернационалната школа за археологија на Стоби се одржува десетта година и е резултат на соработката на „Стоби“ со фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Оваа сезона, во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од: САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадор, Австралија. Во стручниот тим од археолози при „Стоби“ што ги реализира истражувањата: се раководителот м-р Златко Кованцалиев и инструкторите м-р Јован Радњански и м-р Гоце Павловски.

Извор: МИА




Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура