X
 16.01.2021 Култура

Древниот град Хегра во Саудиска Арабија отворен за јавноста по 2.000 години

Ако барате навистина уникатна туристичка дестинација, тогаш овој древен пустински град е совршено место за вас. Хегра е археолошки локалитет, град во северозападна Саудиска Арабија, кој првпат се отвора за јавноста по речиси 2.000 години.

Дејвид Граф, археолог и професор на Универзитетот во Мајами, го споделува искуството за тоа како е да се посети Хегра.

- Кај секој турист треба да предизвика интелектуална љубопитност: кој ги создал овие гробници? Кои се луѓето што ја создале Хегра? Од каде биле? Колку долго биле тука? - вели тој.

Секако, не е лесно да се одговори на овие прашања.


Набатејците, честопати заборавена цивилизација, ја користеле Хегра како важен центар за меѓународна трговија. Можеби ќе ги препознаете културата и архитектурата на Набатејците од познатото и доста посетувано туристичко место - градот Петра. Археологот Лаила Неме, кодиректорка на археолошкиот проект за Хегра, објаснува зошто Набатејците се толкава мистерија и покрај нивното влијание.

- Причината што не знаеме многу за нив е затоа што немаме напишани книги или извори што би ни покажале за начинот на кој живееле, умреле и начинот на кој ги обожавале своите богови. Имаме некои извори што се надворешни, затоа што луѓето зборуваат за нив. Тие не ни оставија големи митолошки текстови, како оние што ги имаме за Гилгамеш и Месопотамија. Ние немаме нивна митологија - вели таа.


Овие надворешни документи се од Грци, Египќани и Римјани кои тргувале и комуницирале со Набатејците.

За некои, овој недостиг на информации додава дополнителна мистерија и возбуда за истражување на овој релативно недопрен локалитет.

Она што го знаеме е дека Набатејците првично биле номади кои го задржале влијанието во нивниот регион во трговските патишта со темјан и зачини. Тие биле активни од 4 век пр.н.е. до 1 век од новата ера и нивната земја може да се најде во Јордан, Синајскиот Полуостров, Саудиска Арабија, Израел и Сирија.


Слично како во Петра, туристите што ќе ја посетат Хегра ќе забележат дека има малку траги од раздвижениот трговски град што го замислуваме. Наместо тоа, убавината е во 111 сложени гробници што се наоѓаат насекаде низ овој пустински град. Архитектурата очигледно била под влијание на грчката, римската и египетската култура со симболика што се наоѓа во нивната митологија.

Новата можност за туристите да ги видат овие дела делумно се должи на „Саудиска визија 2030“, план за Саудиска Арабија објавен во 2016 година за да ѝ помогне на земјата да ги подобри туризмот и трговијата. Ова ќе ѝ помогне на земјата да се префрли од сегашната зависност од нафта.


Новото искуство отворено за туристите заинтересирани за Хегра е еден од првите чекори за спроведување на овие планови. Туристичките водичи се внимателно избрани и обучени да ги запознаат туристите со историјата и величественоста на уникатниот антички град.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура