Унгарија, Грција и Италија ги имаат најдобрите програми за златна виза во Европа, според анализата на финансиската советодавна фирма „Арон капитал“.
Кога станува збор за европските програми преку инвестиции, овие три земји се најбараниот избор меѓу странските граѓани. Меѓу првите пет најдобри програми за златна виза се Унгарија, Грција, Италија, Обединетите Арапски Емирати и Антигва и Барбуда, вели Арманд Артон, претседател на „Артон капитал“.
- За време на ковид-пандемијата, многу американски инвеститори не можеа да влезат во Европа, па сега бараат програми за престој во европските земји. По изборите во Франција и Велика Британија, можеме да видиме и луѓе што сакаат да се преселат тука - вели Артон.
Програмите за златни визи им овозможуваат на странците да добијат престој во земји кои нудат такви програми во замена за финансиски инвестиции и исполнување на потребните услови.
Сепак, ваквите програми често се мета на критики поради перење пари и корупција, но и покрај тоа, тие и понатаму се нудат во неколку европски земји, иако ЕУ бара да ги укинат што поскоро.
Унгарија
Унгарија ја започна својата програма за златна виза во 2013 година. Со помош на оваа програма, земјата за краток период привлече голем број странски инвеститори, што ја прави една од најпопуларните вакви програми во Европа.
Програмата беше прекината во 2017 година, но унгарската влада одлучи да ја рестартира на 1 јули оваа година, а сега е позната и како програма за инвеститори во посета.
Една од причините зошто унгарската програма за златна виза ги привлече богатите странски државјани е тоа што земјата нуди опција за инвестирање во недвижен имот.
Од нејзиното лансирање во јануари 2013 година до 31 март 2017 година, програмата за златна виза на Унгарија ѝ донесе 1,4 милијарди евра.
Грција
И Грција е позната по својата програма за златна виза. Но, во обид да се реши станбената криза, програмата претрпе промени кои стапија во сила на 1 септември годинава.
Една од измените е зголемување на минималниот износ потребен за инвестиции направени преку оваа програма.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, најавувајќи ги новите измени, рече дека во некои делови од земјата, како Миконос, Санторини и Солун, минималната инвестиција потребна за златна виза ќе достигне 800.000 евра. Премиерот најави дека сега ќе им се доделуваат златни визи на претприемачите, што значи дека странците ќе можат да добијат петгодишна дозвола за престој во земјата со инвестирање 250.000 евра во стартапи во земјата.
Италија
Италијанската програма за златна виза е популарна и меѓу странските државјани кои планираат да добијат престој во европските земји преку оваа програма.
Побогатите странски граѓани можат да ја користат оваа програма избирајќи неколку понудени опции за инвестирање, меѓу кои се инвестиција од 2 милиони евра во државни обврзници, 500.000 евра во корпоративни обврзници или акции или најмалку 250.000 евра во иновативни стартапи.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik