X
 26.06.2019 Живот

Загадувањето го задушува најсиромашниот регион на Европа

Ружица Симиќ ги поминува пролетните утра чистејќи ја прашината од јаглен од патеките на нејзината градина. Ова е секојдневна рутина, но несомнено е поподносливо отколку црниот снег што паѓа во зима. Тогаш и дишењето станува напорно, вели таа.

Таков е животот во највалканиот дел од Европа, континент кој сè уште е поделен по должината на границите од Студената војна, кога станува збор за заштита на животната средина. Додека кампањите против климатските промени сега се вообичаен дел од главниот политички тек на Западот, во соседството токсичниот сувенир од комунизмот продолжува да ги загрозува животите.

Симиќ живее во село во близина на Тузла, град кој е на околу 315 километри од границата со Австрија, која е пионер на чистата енергија. Босна, Македонија и Србија, кои се мачат со сиромаштија, корупција и последиците од граѓанските војни од 1990 година, се најзагадени и најсиромашни држави во Европа.

Неколку дена во текот на минатата зима главниот град на Босна и Херцеговина имаше најнечист воздух во светот, полош отколку во Пекинг, тврдат активистите. Кога термоелектраната што се наоѓа на 200 метри од куќата на Симиќ го полни небото со загадување, загадувањето патува до Италија. Канцерогената вода се движи низ отворениот канал покрај нејзиниот кокошарник.

- Речиси сите што живеат тука имаат здравствени проблеми - многумина имаат рак, речиси сите имаат бронхитис, а понекогаш можете да ја почувствувате загаденоста додека дишете. Ова цвеќе изгледа убаво, но ни тоа не е здраво - вели Симиќ.

Смогот што излегува од старите термоелектрани на јаглен, старите автомобили и системите за греење што користат гуми и дрво, го задушува Балканот и буквално и економски. Додека фокусот на европските лидери е на безбедноста и стабилноста во овој нестабилен регион, сметката за еколошката штета расте за државите кои веќе се мачат со последиците.

Загаденоста на воздухот од термоелектраните на јаглен на Западниот Балкан ги чинат регионот и земјите во Европската Унија 11 милијарди евра годишно, во комбинација со загуби во продуктивноста и здравствените трошоци, тврдат од организацијата „Алијанса за здравје и природна средина“ од Брисел и други невладини организации.

1
Термоелектраната во Тузла/Фото: Bloomberg

ЕУ предупредува дека иднината на членството зависи од тоа дали властите ќе станат сериозни. Еден од најголемите загадувачи е термоелектраната Угљевик што е оддалечена 40 километри од таа покрај Тузла. Оваа термоелектрана испушта повеќе сулфурен диоксид од сите германски термоелектрани на јаглен заедно, тврди Влатко Матковиќ Пуљиќ од „Алијансата за здравје и природна средина“.

- Ситуацијата е алармантна. Загаденоста на воздухот не познава граници и ако ЕУ има некакви намери со Балканот, мора да има предвид да ги преземе потребните мерки - вели Пуљиќ.

ЕУ му помага во подготовките на регионот за еден ден да одат во чекор со другите делови на поранешниот комунистички блок. Србија, Македонија и Босна заедно добиле 2,7 милијарди евра во периодот од 2014 до 2020 година, од кои помалку од 500 милиони евра се наменети за природната средина. Најголемиот единствен загадувач во ЕУ е термоелектраната во Полска, која влезе во ЕУ во 2004 година.

Врз основа на мерењето на штетните честички, Македонија е оценета еднакво лоша како Босна. Кога во Скопје ќе стигне пролетта, граѓаните ги отстрануваат маските за лице до есента, кога смогот повторно почнува да се собира. Скопје и Сараево минатата година беа прогласени за најзагадени градови во Европа од страна на „IQAir“, компанија што создава уреди за следење на квалитетот на воздухот.

Осум од 10 најзагадени градови во Европа се наоѓаат во Босна и Херцеговина и Македонија.

Од 16 стари термоелектрани на јаглен на Западниот Балкан се исфрла еднаква количина на сулфур диоксид како од 250 термоелектрани на јаглен во ЕУ. Тоа е поради нивната старост - голем дел од нив се постари од 40 години, а сите се соочуваат со енергетска неефикасност и недостиг на прочистувачи и филтри.

- Роден сум тука и не познавам некој што починал од природна смрт. Овде сите добиваат рак. Луѓето што живеат во близина на термоелектраната едноставно се жртви на индустријата на електрична енергија. Тие веќе се осудени на смрт - вели Гора Стојак, активист од Тузла кој врши притисок врз локалните власти да преземат мерки да се заштити селото на Ружица Симиќ, но досега немало никаков успех.

Проблемот е политички, според последниот извештај на Европската комисија за регионот, објавен на 29 мај. Иако загаденоста на воздухот е сериозна насекаде, Комисијата е најостра во врска со Босна. Локалните и федералните власти се обвинуваат едни со други за недејствување.

Навистина, прашањето за квалитетот на воздухот е во надлежност на пет министерства, вели Дамир Филиповиќ, одговорен за урбанистичко планирање, градба и заштита на животната средина во Сараево.

- Јас не можам да помогнам да се решат проблемите што не се во моја надлежност. Не можам да обезбедам поголеми приходи за луѓето во Сараево, не можам да ги поништам дозволите издадени од федералната влада и не можам да обезбедам општините да планираат на одговорен начин - вели тој.

Во Тузла главен загадувач е државната термоелектрана на јаглен, што користи опрема и технологија која е застарена во Западна Европа и која потекнува уште од 80-тите години, велат експертите и активистите.

2
Фото: IQAir's air quality report for 2018

Блискиот Лукавац редовно е загаден со емисии од фабриките за цемент, додека патниците во Зеница честопати се соочуваат со облак од густ индустриски смог што виси над градот, каде што е сместена локалната фабрика „Арчелор митал“. Портпаролот на фабриката, Софи Еванс, вели дека во тек е инвестициска програма за напреден хибриден систем на филтри што ќе ја намали емисијата на прашина под 50 отсто од ЕУ-стандардите.

Сараево, кое било уништено со гранатирање и од снајперите во текот на 1992 година, е на пат кон закрепнување, но на штета на животната средина. Градот се наоѓа во долина, со нови високи згради и повеќе од 450.000 жители кои се потпираат на автомобилите за превоз.

Високите згради го намалуваат протокот на воздухот, додека многу возила што се поевтини немаат соодветна контрола на смогот. Голем дел од градот исто така користи гуми, отпад и дрва, сè што е запаливо, во текот на зимата во застарените неефикасни системи за греење.

- Лошо е, но е сезонски. Но, мислам дека треба да се каже дека ни останатиот дел од времето ситуацијата не е добра. Лошо е во поголемиот дел од годината, но е особено лошо во одредени делови - вели Мет Филд, амбасадор на Велика Британија во БиХ.

Активистката Анес Подиќ работи во тесен стан-канцеларија во центарот на Сараево, недалеку од озлогласената Снајперска алеја. Помеѓу картонските кутии полни со статистики што чекаат да бидат отпакувани и купиштата постери што повикуваат на акција, Подиќ ја следи загаденоста на воздухот на лаптоп, планира информативни кампањи и им врши притисок на локалните законодавци да обрнат внимание.

- Луѓето ложат сè, возат сè - нема ограничување. Кога е лош ден во зима, поради одредени климатски услови, Сараево е најзагаденото место во светот - вели таа.

Додека властите во Тузла се залагаат за уште повеќе јаглен со помош на инвестиции од Кина, Ружица Симиќ се сеќава на деновите, пред неколку години, кога ја посетиле странски научници. Тие зеле примероци од водата што поминува покрај нејзината куќа и ја известиле за отровните хемикалии што се наоѓаат во неа. Водата се слева од местото каде што фабричките машини возат и исфрлаат тони прашина.

- Тогаш првпат дознавме дека нешто не е во ред. Никој од владата или термоелектраната не дојде да нè предупреди за опасноста - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот