Тизи Ходсон, 70-годишна жена од Англија, не можела да им поверува на своите очи кога ја отворила поштата и открила дека нејзиното оригинално писмо за аплицирање за работа на местото каскадер со мотоцикл, испратено во јануари 1976 година, сите овие години било паднато зад фиока во пошта.
И покрај тоа што не ја добила таа работа, неуспехот не ѝ ја загрозил кариерата бидејќи нашла работа која ѝ овозможила да го обиколи светот.
Опишувајќи го вратеното писмо како „неверојатно“, г-ѓа Ходсон рекла:
-Отсекогаш се прашував зошто не слушнав ништо за работата. Сега знам зошто.
На врвот на писмото имало рачно напишана белешка на која пишувало:
-Доцна испорака на пошта во Стејнс. Пронајдена зад фиока. Доцни само 50 години.
Г-ѓа Ходсон не знае кој ѝ го вратил писмото, ниту како тоа стигнало до неа.
- Мистерија е како ме најдоа бидејќи се преселив околу 50 пати, па дури и ја сменив земјата четири или пет пати. Многу ми значи што ми се врати писмото. Секој ден чекав одговор, но немаше ништо и бев многу разочарана бидејќи навистина сакав да бидам каскадер на мотор - рекла таа.
Ходсон се преселила во Африка, работела со змии и како шептач на коњи, научила да лета и станала пилот и инструктор по летање.
Изгледа неверојатно по толку време да се добие писмо назад, коментирала таа.
- Доколку можам да разговарам со помладата верзија од себеси, би ѝ рекла да оди и да направи сѐ што сум направила. Имав толку прекрасни моменти во мојот живот, иако скршив неколку коски - додала Тизи.
Извор: n1info.hr
Фото: Freepik