Центарот за рангирање на универзитетите во светот
(CWUR) од Обединетите Арапски Емирати објавува глобални рангирања на универзитетите кои го мерат квалитетот на образованието. На листата за 2020/2021 година може да се види дека најдобрите универзитети во светот се во САД. Дури 8 од првите 10 најдобри се од САД, а два од Велика Британија.
Од Македонија на листата се најде само Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и тоа на далечното 1.917 место со вкупно 66,1 поени.
Минатата година УКИМ беше на 1.816 место, што значи дека бележи пад од дури 101 место.
Во споредба со најдобрите универзитети од регионот, УКИМ е најлошо рангиран.
Од Грција на листата има 12 универзитети, а најдобро рангиран е Националниот и Каподистрјасов универзитет во Атина, кој се најде на 267. место. Овој универзитет е и најдобро рангиран од сите универзитети во регионот.
Од Србија на листата има четири универзитети, а најдобро рангиран е Универзитетот во Белград, кој се најде на 346. место.
Љубљанскиот универзитет, пак, се најде на 384. место и е најдобро рангирана високообразовна институција од Словенија.
Универзитетот во Загреб е еден од четирите хрватски универзитети што се најдоа на листата и е најдобро рангиран меѓу нив со тоа што се наоѓа на 517. место.
Универзитетот во Софија е најдобро рангиран бугарски универзитет и тој се најде на 868. место.
Албанија, Косово и Босна и Херцеговина немаат универзитети рангирани на оваа листа.
Прв на листата е „Харвард“, потоа следува Технолошкиот институт во Масачусетс, попознат како МИТ, а на третото место се најде „Стенфорд“. Сите овие три универзитети се од САД. На четвртото и петтото место се најдоа британските „Кембриџ“ и „Оксфорд“.
Тука можете да ја видите целата листа.