X
 10.08.2018 Култура

И Кинезите сфатија: Луѓето се попродуктивни кога се среќни, задоволни и одморени

До 2020 година во некои делови од Кина работната недела ќе биде скратена на четири дена, а од 2030 година во цела Кина ќе се работи четири дена неделно.

Голем број истражувања покажаа дека луѓето би биле попродуктивни на работа ако се посреќни и позадоволни со своето работно место. Најдобриот начин да ги направите среќни е да им дадете повеќе слободни денови. Според планот на Кинеската академија на друштвените науки, работната недела од четири дена би требало да профункционира од 2030 година во целата земја, додека во одредени делови на Кина до 2020 година.

kinezi

Ќе биде спроведен тест-период со четиридневна работна недела во Источна Кина, во големите и средни претпријатија што се државна сопственост, од 2020 до 2025 година. Од 2025 година четиринеделната работна недела ќе може да се применува во одредени индустрии во централните и во источните региони, а од 2030 година сите Кинези ќе имаат три дена одмор во текот на една седмица.

Доколку се исклучи времето поминато на работа и времето за спиење, слободното време на просечниот Кинез во 2017 година било 2,27 часа дневно. За споредба, пред три години тоа било подолго и изнесувало над 2,50 часа. Жителите на Шенџен, Гуангџоу, Шангај и Пекинг имаат помалку слободно време од просекот - од 1,94 до 2,25 часа дневно.

Доколку се спореди просечното слободно време на Кинезите со просечното слободно време на Американците, Германците и Британците, жителите на овие земји имаат околу 5 часа дневно, што е двапати повеќе отколку во Кина.

Моментално Кинезите работат од понеделник до петок, а дводневниот викенд бил воведен во 1995 година. Повеќето луѓе што се вработени во државни претпријатија работат пет дена во неделата, додека многу фабрики работат и во сабота. Повеќето продавници, музеи и кина работат и во сабота и во недела, додека банките и телекомуникациските компании се отворени и во сабота, а поголемите експозитури работат и во недела.

Кога станува збор за работното време, тоа најчесто е од 8 часот наутро до 18 часот, со паузи на пладне и попладне. Во зависност од компанијата, работното време може да биде и различно и со пократка пауза. Исто така, постојат локални варијанти во зависност од секторот и од регионот. На пример, работниот ден во западната автономна област Синџанг обично почнува од 9 или 10 часот наутро. Инаку, просечниот Кинез на работа поминува повеќе од 8 часа дневно и не повеќе од 44 часа неделно.

Според регуларните слободни денови, Кинезите не работат на државните празници: Кинеска Нова година,  фестивалот „Чингминг“, Денот на трудот (1 Мај), Фестивалот на чамци змејови, Фестивалот во средината на есента, Денот на државноста (1 Октомври) и 1 Јануари по повод меѓународна Нова година. Кинезите имаат вкупно 19 слободни дена за државни празници.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура