X
 10.12.2021 Живот

„Биби, Боби и една снешкастична Нова година“ од недела премиерно во „Синеплекс“

Биби и Боби од анимираниот серијал „Светот на Биби“ ќе ги почестат дечињата во пресрет на новогодишните празници со филмот „Биби, Боби и една снешкастична Нова година“ што премиерно ќе почне да се прикажува од недела, 12 декември, во киносалите на „Синеплекс“ во „Сити мол“. Оригиналниот наслов на филмот е „Волшебна новогодишна бајка со Биби и Боби“.

- Со продукција на филмот почнавме во септември. Да се направи филм за најмладите е многу возбудлива и одговорна задача бидејќи сме свесни дека децата се најискрената публика. Нивните лица кажуваат дали нешто им се допаѓа или не. Сакавме да ја надополниме новогодишната атмосфера со музика, танц и магични трикови преку главните карактери од „Светот на Биби“ - изјави Ирина Поповска од „Светот на Биби“.

Гласовите на ликовите ги позајмуваат актерите: Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски и Сашка Димитровска. Филмот е во режија на Никола Чикос, а главен сценарист е Билјана С. Црвенковска.  Филмот трае 40 минути.

- Биби, Зази, мама Ана и тато Тино се подготвуваат да ја китат елката, а на гости се дојдени и Боби и Зина. Некој прави колачиња, некој изведува магионичарски трикови, се пеат весели песнички и... никој не насетува какви волшепства, изненадувања и најнеобични пријателства ќе им донесе на Биби и Боби оваа „снешкастична“ Нова година. Јееј - стои во описот на содржината на овој филм, кој посебно ќе ги израдува најмалите.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата на ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.

Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против ковид-19  или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Задолжително е носење заштитна маска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот