Австралиската тенисерка Ешли Барти ќе донира 360.000 долари за семејствата погодени од пожарите.
- Дивиот свет е изгубен, но пожарите влијаеја и врз животите и домовите на луѓето, така што размислуваме со мојот тим за начини на кои можеме да им помогнеме на семејствата - изјави Барти.
- Донесовме одлука дека секоја парична награда од турнирот во Бризбејн ќе биде донирана на Црвениот крст на Австралија и директно ќе оди за засегнатите семејства - додаде таа.
Барти стана тенисерка со највисока заработувачка во 2019 година и заработи 16,4 милиони долари. 23-годишната тенисерка им се приклучува на многуте спортски ѕвезди што донираа за пожарите.
И други тенисери, вклучувајќи ги Ник Кириос, Сем Стосур и Алекс де Минаур, ветија слични донации.
- Ја почнувам поддршката за оние што се погодени од
пожарите. Ќе донирам по 200 долари по ас што ќе го погодам во сите натпревари што ќе ги играм ова лето - напиша Кириос на својот твитер-профил.
Пожарите во Австралија убија 24 луѓе, уништија повеќе од 1.500 куќи и над 3,6 милиони хектари земја. Експертите проценуваат дека во пожарите животот го изгубија околу 500 милиони животни.