X
 11.01.2023 Наша тема

Центарот за деца на улица во Шуто Оризари им е единствен покрив над глава на некои деца, а таму јадат, се бањаат и учат

Дневниот центар за деца на улица - Шуто Оризари е центар каде што дечињата на дневна основа првпат во својот живот добиваат одредена грижа, навика и внимание. Децата во дневниот центар ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк кој во текот на денот на повеќето од нив им е единствен, ни сподели Ирена Велкоска, која веќе 16 години е дел од центарот

Празниците секогаш асоцираат на топлина во домот, светнати светилки, накитена елка, подароци, мирис на цимет, новогодишна еуфорија... Но не сите имаат можности да ја уживаат и живеат новогодишната магија. Дневниот центар за деца на улица Шуто Оризари постои за да им ја доближи таа топлина на децата од улица. Да им овозможи пријатна атмосфера, подароци, топол оброк. Токму кога ги искомунициравме, ни споделија дека им делат пакетчиња на децата, а радоста е неизмерна.
Ирена Велкоска е веќе 16 години дел од Центарот и им го разубавува секојдневието на децата. Им овозможува грижа, нега, внимание, елементарни услови за живот. Вели дека е среќна што ги учи на добри навики и позитивни морални вредности.

Прва нега во животот

- Овој дневен центар е сместен во просториите на Здравствениот дом во Шуто Оризари од мај 2017 година кога градинката „8 Април“ изгоре во пожар, каде што претходно беше овој центар. Со децата работи стручен тим составен од социјален работник, педагог, воспитувач. Работното време е од 8 до 16 часот од понеделник до петок. Се работи за центар каде што дечињата на дневна основа првпат во својот живот добиваат одредена грижа, навика и внимание. Низ годините наназад низ овој центар секојдневно поминуваа околу 100 деца на возраст од 4 до 17-18 години. Но од август оваа година, откако ја имаме финансиската поддршка од МТСП, а согласно намалениот просторен капацитет, согласно лиценцата за давател на социјална услуга за деца во ризик (деца на улица), работиме со 24 деца, деца на улица на возраст од 4 до 14 години од ромска заедница со место на живеење во Општина Шуто Оризари - ни споделува Ирена, координатор на дневниот центар за деца на улица.


Ирена Велкоска

Единствен оброк во денот во центарот

Во дневниот центар децата ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк кој во текот на денот на повеќето од нив им е единствен.

- Многу се грижиме овие дечиња да пораснат во позитивни личности, заштитени и сигурни, самостојни, креативни и среќни, но исто така и да го добијат задолжителното образование. Тие учат да бидат дел од светот, да имаат нормално детство кое секое дете го заслужува. Имаме работилници со деца: образовни, креативни игри и творби, ликовни, музички, работилници во природа, спортски активности и реализација на разновидни културни, рекреативни, спортски активности организирани во вид на екскурзии во и надвор од Скопје - посочува Ирена.

Децата се идентификуваат преку теренски активности на самите улици/крстосници.

- По извршениот разговор со родител/старател и добивање согласност, веднаш се прави процена и се изработува план за работа со детето и семејството, потоа им се нудат интервенции од социјална и здравствена заштита (лекарски прегледи, имунизација), добивање документи за идентификација (извод од матична книга на родени) доколку нема, потоа се внесува во едукативните програмски содржини, се учат на основни хигиенски и културни навики, се описменуваат и се мотивираат за вклучување во образовниот процес. По основната подготовка се вклучуваат во училиштата, но и понатаму им се помага во совладувањето на образовната програма, односно училишното градиво за да можат што подолго да останат во образованиот систем. Истовремено се работи со нивните родители и другите членови во семејството. Доколку некое дете не дојде во центарот, тимот врши увид во домот на семејството за да ја увиди причината зошто тоа дете дента не дошло кај нас - ни изјавува Ирена.



Родителите се важна алка од синџирот

Вклучување на родителите во дел од активностите на дневниот центар е важно со цел намалување на ризикот од нивно повторно враќање на улица, што е најголем ризик кај оваа група корисници.

- Укажување на законските рамки и пријавување до релевантните институции доколку родителот не соработува, односно го попречува развојот на овие деца (очекувањата на голем број родители се децата да преземат одговорност за одржување на животната егзистенција). Се работи на подигнување на личната свест кај родителите за да направат промени лично кај себе, а потоа кај децата, со општествено прифатливо однесување, особено во делот на промената на навиките, да бидат поодговорни, исполнителни и истрајни, да успеат во животот, да го завршат своето образование за да бидат конкурентни на пазарот на трудот/да се вработат, да им бидат поддршка во нивниот развој. Но и во примена на хигиенските навики. Убаво е чувството што сум придонела да се изгради позитивен карактер кај детето, да се описмени, што сум му ги пренела моралните вредности: да не лаже, да не краде, на искреност, самостојно да размислува - истакнува нашата соговорничка.



Со децата редовно работи стручен тим од социјален работник, психолог, педагог, одделенски наставник. Во Програмата за работа на центарот се вклучени низа активности од доменот на образованието, воспитанието, здравствената заштита, културата, спортот, социјализацијата и интеграцијата во заедницата. Се вложува со цел децата да останат во текот на денот во центарот, да добијат топол оброк, хигиенски навики, бањање и чиста облека и обувки, лекови, вакцина. Понатаму, се вклучуваат во интерактивна работа во совладување образовни содржини, градење воспитни навики, развој на нивните креативни способности.

Дневниот центар како едукативно-забавен дневен детски центар за деца на улица е формиран во 2006 година, како дел од невладината организација Здружение за заштита на правата на детето, која го одбележува својот 15-годишен јубилеј.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема