X
 11.03.2024 Живот

Колку заработи Кристофер Нолан за филмот „Опенхајмер“?

„Опенхајмер“ ја трансформира годинашната церемонија на доделување „Оскари“ од натпреварување во крунисување. Тоа е редок пример за успех и кај критичарите и кај публиката што ќе ги подигне кариерите на многумина и ќе го зацементира статусот на режисерот Кристофер Нолан како најпрофитабилен автор во Холивуд.

53-годишниот Нолан е платен како најголема ѕвезда. „Форбс“ проценува дека тој заработува 15 отсто од бруто-приходите на „Опенхајмер“ на киноблагајните, што значи дека добива дел од секој цент што филмот го заработува, дури и пред студиото да ги покрие трошоците. Само од приходите на киноблагајните, продажбата на копии од филмот на дискови и лиценцирањето на првиот стриминг-период Нолан ќе заработи околу 72 милиони долари пред оданочувањето и откако ќе плати провизии на својот агент и адвокат. Вкупната заработка ќе продолжи да расте бидејќи филмот ќе се препродава на стриминг-платформи и ќе биде лиценциран во наредните години.

Тоа е новиот врв во кариерата за Нолан, чест кандидат за „Оскар“ за режија и сценарио - кој успеа да направи хит од тричасовен филм, делумно снимен во црно-бело, за животот на теоретскиот физичар.

Дури и со своите потешки филмски концепти Нолан успеа да создаде спектакл што продолжува да ја привлекува публиката во кината, без разлика дали тоа е париска улица што се наведнува во „Почеток“, минува низ црна дупка во „Соѕвездие“ или детонира атомски бомби во „Опенхајмер“. Секој студиски филм што го продуцирал од неговото прво партнерство со „Ворнер брос“ за „Несоница“ од 2002 година има заработено најмалку 100 милиони долари, а шест од последните седум филма - особено последните два филма „Темниот витез“, се со повеќе од 500 милиони долари приход.

Противник на стриминг-платформите


Токму оваа биографија го направи Нолан камен-темелник на „Ворнер брос“. Но, откако студиото објави дека театарските изданија ќе ги стави на својата стриминг-услуга истиот ден, Нолан објави дека е разочаран.

- Некои од најголемите филмски режисери во нашата индустрија и најголемите филмски ѕвезди си легнаа ноќта помислувајќи дека работат за најголемото филмско студио и се разбудија знаејќи дека работат за најлошата стриминг-услуга. Не се ни свесни што изгубија - изјави тој тогаш.

Но, излезе дека најголемиот губитник беше Нолан.

Кога дојде време да го продаде неговиот следен проект во септември 2021 година, директорите од „Парамаунт“, „Сони“, „Јуниверсал“ и „Епл“ беа поканети во неговата канцеларија во Холивуд да го прочитаат сценариото на „Опенхајмер“.

Со оглед на тоа што повеќе студија го сакаа престижниот проект, Нолан имаше причина да бара неколку работи од потенцијалните партнери, вклучително и продукциски буџет од 100 милиони долари (релативно скромен според неговите стандарди), уште 100 милиони долари за маркетинг, целосна креативна контрола, продолжен животен век во театарот, период на „блокада“ во кој студиото нема да објавува ништо со недели пред и по неговиот филм и 20 отсто од бруто-приходите.

Приходот од билетите е привилегија на ретките

Заработката од бруто-приходите останува врвен показател за моќта во Холивуд. Кај актерите, оваа состојба во договорите е речиси целосно елиминирана, освен за мал број постари ѕвезди како Том Круз (кој зеде околу 12,5 отсто од заработката за неговиот последен филм „Невозможна мисија“). Дури и меѓу повеќе филмаџии, тој е резервиран само за највисокиот ешалон на режисери, како што се Стивен Спилберг, Џејмс Камерон и Питер Џексон.

Конечно, шефицата на „Јуниверсал“, Дона Ленгли, се согласи со условите на Нолан и го доби „Опенхајмер“.

Филмот почна да се снима на почетокот од 2022 година, а датумот на прикажување беше закажан за јули 2023 година. Подоцна, „Ворнер брос“ објави дека истиот ден ќе го објави својот летен блокбастер „Барби“, што некои во Холивуд го видоа како директен одговор на заминувањето на Нолан.

Така се роди „Барбихајмер“ псевдоривалство што маркетинг-тимовите од секоја страна го претворија во глобален феномен. „Барби“ и „Опенхајмер“ станаа првиот и третиот филм со најголема заработка во светот во 2023 година. „Опенхајмер“ заработи повеќе од 957 милиони долари на киноблагајните.

Режисерот постигна речиси култно влијание врз филмската заедница, која го гледа како бранител на светоста на филмското искуство. Пред објавувањето на „Опенхајмер“, Нолан се залагаше публиката да го гледа филмот во „Имакс“, по можност во 70 мм „Имакс“, гигантскиот формат во кој е снимен филмот.

„Опенхајмер“ стана четвртиот филм со најголема заработка на „Имакс“ на сите времиња, со 183,2 милиони долари или речиси 20 отсто од вкупниот број.

Со оглед на огромниот успех на „Опенхајмер“, битката за следниот проект на Нолан ќе биде уште поинтензивна.

На прашањето како би можел да изгледа следниот договор на Нолан, еден врвен адвокат за забава едноставно рече: „Онаков каков што тој сака да биде“.

Извор: Forbes1info.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот