Едни од главните новини што се предлагаат во новото законско решение за основното образование се надворешна евалуција и рангирање на училиштата. Наставниците од овие училишта ќе имаат поголема плата за 30 проценти, а учениците - додаток на свидетелството.
Во саботи веќе нема да се оди на училиште бидејќи не е ефективно, ќе се намали бројот на часовите од прво до деветто одделение, талентираните ученици ќе учат според посебни образовни планови, директорите нема да го имаат последниот збор при распределбата на часовите на наставниците, надворешна евалуација и рангирања на училиштата...
Ова се само дел од измените планирани за основното образование што вчера ги најави министерката за образование и наука Рената Дескоска.
Предлог-законот ќе биде ставен на јавна расправа еден месец, по што ќе се објави конечната верзија.
Намалени надлежностите на директорите
Покрај веќе најавените измени за намален број на часови, до кои ќе се дојде преку измена на наставните планови, се утврдува и максималниот број на часови неделно. За учениците од прво до трето најмногу 20, од четврто до шесто најмногу 25, а оние од предметна настава може да имаат најмногу 30 наставни часа.
Наставниците ќе добијат неработни денови во текот на зимскиот распуст, а се намалува неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници. Тој ќе изнесува од 18 до 23 наставни часа во кои влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата. За предметните наставници што немаат доволно часови се предвидува можност да бидат ангажирани за одржување на интегрираната база на податоци, одржување на веб- страницата и е-дневникот на училиштето, за што ќе добиваат 3, 6 или 8 часа во фондот на часови во зависност од бројот на ученици.
Како што нагласи и министерката Дескоска, новиот предлог-закон ќе им ги намали надлежностите на директорите.
- Се воведува нова надлежност на наставничкиот совет - да дава мислење за распределба на часовите меѓу наставниците – рече таа.
Фото: KolektifPress
Новото законско решение превидува намалување на бројот на ученици во паралелките. Минимален праг ќе биде 20 ученици, а не 24 како што е сега. Бројот на ученици во паралелката ќе се движи во распон од 20 до 30 ученици, а стремежот е тој да биде до максимум 24 ученици. Комбинирана паралелка ќе може да има најмногу до 10 ученици.
На училиштата им се воведува обврска за професионална ориентација на учениците од основното образование. Училиштето ќе мора да формира тим за професионална ориентација составен од стручни соработници и наставници.
Личен асистент за секое дете со посебни образовни потреби
Посебен акцент во предлог-законот е ставен на учениците со посебни образовни потреби. Предвидено е во едно одделение да нема повеќе од два ученика со посебни образовни потреби.
- Оваа измена се прави за да се избегне нивно групирање и изолирање во една паралелка и да се овозможи нивна инклузија со можност за непречено одвивање на образовниот процес – изјави министерката Дескоска.
Заради дополнителна и стручна помош, се предвидува формирање на мобилни служби составени од стручни лица (психолог, специјален едукатор-дефектолог, логопед, социјален работник и педагог). Училиштето ќе мора да му обезбеди и личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби, кој ќе биде платен од државниот буџет.
Првпат се воведува и можноста за домашно образование за оние ученици што се на болничко лекување подолго од три недели.
- Ги користиме странските искуства. Ова ќе биде на барање на родителот. Училиштето каде што учи ученикот ќе биде должно да испрати наставник да му помогне на ученикот да го совлада материјалот – појасни Дескоска.
Родителските школи, односно советувањата на родителите и на учениците остануваат, но ќе се воведе советување за родител и ако ученикот користи говор на омраза.
30 проценти поголема плата за наставниците од најдобрите училишта
Новиот предлог-закон предвидува можност за настава согласно напреден образовен план, наменет за талентираните ученици.
Во план е воведување на надворешна евалуација на училиштата која ќе биде основа за нивно рангирање. На учениците што учат во училиштето кое е најдобро рангирано ќе им се издава додаток на свидетелство во кој ќе бидат наведени годината во која училиштето е најдобро рангирано и бројот на поени што ги освоило при рангирањето. Вработените во училиштето што е рангирано како најдобро ќе примаат додаток на платата во износ од 30% во наредните 12 месеци.
Институтот и центрите за јавно здравје ќе го утврдуваат нутритивниот квалитет на оброците во училиштата. Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за храна и за оброците во основните училишта. Советот на родители ќе може да побара вонреден инспекциски надзор за да провери дали во основното училиште оброците се согласно стандардите за исхрана.
Дескоска истакна дека очекува коментари.
- Сите заедно да го подобриме законот. Не очекувам да биде испратен во Собрание овој текст, туку се надевам дека ќе имаме корисни сугестии за да го подобриме.