X
 15.05.2018 Образование

Повисоки плати за наставниците во септември, најави Дескоска

Наставниците ќе добијат повисоки плати во септември, најави денеска министерката за образование и наука Рената Дескоска. Таа денеска објасни дека веќе се предвидени средства за оваа намена во државниот буџет.
Ресорната министерка најави промена во однос на статусот на наставниците. Имено, даден е предлог до Владата наставниците што можат да остварат полно или пола работно време да можат да се вработат на неопределено.
- Со оглед дека претходно се работело така што мора прво да им се даде согласност за определено време, дури и на тие што имаат полн фонд на часови, ние како Министерство изготвивме информација до Владата и бараме тој заклучок да се смени со цел да се овозможи оние што можат да остварат полно или пола работно време, како што стои во законите за основно и средно образование, да може да се вработат на неопределено време - изјави министерката Дескоска.



Таа додаде дека наставниците ќе добијат и нови можности за професионален и кариерен развој. Дури и да се испланирани најдобрите образовни реформи, тие нема да дадат соодветен ефект доколку нема сојузништво со наставниците, односно доколку тие почувствуваат дека не се воопшто или доволно вклучени во целиот тој процес или, пак, доколку не го добиваат потребниот третман од страна на државата и дигнитетот на професијата со која се занимаваат е на ниско општествено ниво.
- Како Влада, ги вклучивме наставниците во промените што ќе значат подобро образование, од кои дел се подготвени, а дел се во фаза на подготовка и тоа е најдобриот начин да се постигне зацртаната цел - изјави Дескоска.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование