Голем број млади лица од Црна Гора одат во САД за да работат на плантажите со марихуана и не станува збор само за нискоквалификувани работници, туку сѐ почесто таму одат и високообразовани млади лица.
Еден дел од младите Црногорци одат да работат со помош на пријателите и членовите на фамилијата, други користат услуги на посредници кои наплаќаат провизија, а трети бараат туристичка виза и одат во САД и работат на црно.
Овие млади Црногорци не жалат за своите одлуки бидејќи на овој начин успеваат да ја средат својата финансиска состојба и да им помогнат на своите фамилии. На плантажите со марихуана во САД можат да заработат цела црногорска плата за само еден ден.
Фото: N1
Калифорнискиот пазар на марихуана е во постојан подем, а до крајот на годината ќе достигне вредност поголема од 3,7 милијарди долари. Во оваа сојузна држава марихуаната може да се користи во медицински цели од 1996 година, а оваа година стана легална и рекреативната употреба.
Истовремено, во Црна Гора стапката на невработеност кон крајот на минатата година беше околу 22 отсто, а калифорниските медиуми пренесуваат дека фактот што висококвалификувани работници одат да работат физичка работа најдобро илустрира колку е лоша состојбата со црногорската
економија.