X
 12.01.2021 Живот

Вучиќ: Кој сака неработна недела, нека оди во друга земја

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да се согласи на новите барања недела да се прогласи за неработен ден во Србија.

- Не може неработна недела. Не давам. Кој сака да не работи во недела, нека оди во некои други земји - истакна тој.

Вучиќ додаде дека тие не можат да си го дозволат тоа и дека треба да се гордеат со тоа дека „треба да работат повеќе“.

Тој додаде дека Србија е прва во Европа според економскиот раст и додаде дека неговата земја во првиот квартал имала раст од 5,2 отсто, додека еврозоната била во минус 3,2 отсто. Во вториот квартал Србија имала раст од 6,3 отсто, додека еврозоната имала минус од 14,7 отсто, а во третиот квартал, кога еврозоната имала минус од 4,3 отсто, Србија имала само минус 1,4 отсто. Вучиќ посочи дека Црна Гора, на пример, во третиот квартал имала дури минус 26 отсто.

- Ова се резултати кои Србија никогаш ги немала. Кога Србија била прва во Европа по стапката на раст? На 31 март ќе ги добиеме резултатите да се потврди дека Србија е број еден во Европа. Не знам единствено како ќе пресметуваат за Ирска, која има компании што извезуваат пари во Америка. Сето тоа беше можно благодарение на луѓето кои веруваа во тешките промени - рече Вучиќ.

Ова не е првпат српскиот претседател да се изјасни против неработната недела. Минатата година тој истакна дека не ја разбира идејата за воведување забрана за работа во недела и дека потоа ќе почне да се бара да не се работи ни во петок, да не се работи од 7 до 16, потоа од 9 до 17 и така натаму.

- Најдобро да не работиме ништо, а платите да бидат високи. Не мислам дека е реално и никогаш не сум сакал да го мамам народот, такви одлуки не треба да носиме - рече тој лани.

Идејата за неработна недела се појави и во нашата земја, па во ноември минатата година премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи објави дека Владата ја прифатила иницијативата денот недела да биде прогласен за неработен ден. Сепак, сè уште не е донесен закон и неделата е работна за Македонците.

Извор: B92
Насловна фотографија: vucic.rs

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот